Ја киднапирал поранешната партнерка, свирепо ја тепал, па се дал во бегство

Основното јавно обвинителство Битола започна постапка против 39-годишен битолчанец, осомничен за противправно лишување од слобода и телесна повреда, пренесува 24Инфо



Тој, на 21 октомври, ја киднапирал поранешната партнерка од пред нејзината куќа откако влегла во неговото возило. Осомничениот прво ја удрил со тупаница во главата, а потоа ја однел до својата викендица во Нижеполе, каде што ја заклучил и продолжил физички да ја напаѓа.

Осомничениот на свиреп начин ја удирал оштетената со шлаканици, тупаници и клоци во текот на еден час, што довело до нејзина силна физичка и психичка траума. Неможејќи да го издржи насилството, оштетената посегнала по нож од кујната и се самоповредила, сечејќи си ги вените на левата рака.

Сепак, осомничениот не престанал и продолжил да ја удира, нанесувајќи ѝ дополнителни повреди.

Обвинителството поднесе предлог до судијата на претходна постапка за одредување мерка притвор, но се дознава дека осомничениот е во бегство.

Мерката притвор ќе се спроведе од моментот на негово пронаоѓање и приведување.