Македонскиот фудбалски репрезентативец Адис Јаховиќ осамна во костум на филмскиот херој Супермен на насловната страница на турскиот дневен спортски лист „Фанатик“ благодарение на извонредните игри сезонава за суперлигашот Ѓeзтепе.
Со 14 гола на 16 одиграни натпревари, Јаховиќ го дели првото место на листата на стрелците во елитната конкуренција во Турција заедно со Французинот Бафетимби Гоми од Галатасарај и со Турчинот Бурак Јилмаз од Трабзонспор.
Погодоците на играчот со 14 настапи и три постигнати гола за македонскиот национален тим го позиционираа Ѓeзтепе на делба на четвртото место на табелата.
Од доаѓањето во суперлигашот од околината на Измир во август 2016 година, 30-годишниот скопјанец има постигнато 35 гола на 49 официјални мечеви.






