Јане Ченто: Оваа Македонија нема ништо заедничко со АСНОМ-ска!

Притворениот Јане Ченто, правнук на првиот претседател на Македонија, Методија Андонов Ченто, преку „Фејсбук“ се огради од оваа Македонија што, според него, нема ништо заедничко со АСНОМ-ска.



„Она кога ќе ги изневериш најславните страници на својата историја, кога и она малку самосвест и гордост ќе го понижиш, извалкаш и продадеш… Оваа земја, простете, е туѓа – оваа Македонија нема веќе ништо заедничко со АСНОМ-ска Македонија!“, стои во обраќањето на претседателот на Македонско патриотско здружение „Пере Тошев“ од Прилеп до универзитетската професорка Билјана Ванковска, постирано во понеделникот навечер, неколку часа пред масовното апсење на 36 лица осомничени за тероризам и загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

Два часа пред овој пост, Јане Ченто констатира и дека „нам ни е потребна нова генерација, која не само што ќе донесе нови вредности, туку и која нема да се плаши да застане и да се бори за нив, без разлика какви и да биле последиците“.

Два дена претходно, пак, напиша: „Мораме да се помириме со крајното разочарување, но никогаш да не ја загубиме бесконечната надеж. Никогаш не е предоцна да се вклучиме во некое движење. Борбата за она во кое веруваме нѐ прави човечки суштества. Се надеваме дека оваа генерација ќе се избори за вистинските вредности. Промената не е неизбежна, туку се остварува преку непрекината борба“.

За приведувањето на нивниот лидер реагираа и од МПЗ „Пере Тошев“.

„Денес го приведоа нашиот брат Јане Ченто, правнук на некогаш приведениот и затворен претседател Методија Андонов Ченто. Добро да знаете дека нашиот брат Јане Ченто е од македонска патриоотска лоза и нема никогаш да ви потклекне, туку како феникс ќе се издигне. Ние не знаеме да се закануваме, ние знаеме да не заборавиме“, порачаа тие преку „Фејсбук“.

„Во затвор заради наводен тероризам го ставиле и Јане Ченто, внук на првиот претседател на президиумот на АСНОМ, Методија Андонов – Ченто. Единствениот грев на Јане е што го носи презимето на човекот кој го водел отпорот против бугарскиот фашистички окупатор во Втората светска војна. Историјата се повторува. Комунистите му монтираа случаи на дедото, комуњарите му монтираат на внукот“, напиша на „Фејсбук“ новинарот Љупчо Златев.

Методија Андонов Ченто (1902-1957) е првиот македонски претседател, избран на првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година, а на 14 март 1946 година поднесува оставка на функцијата претседател на Президиумот на Народното Собрание на Македонија поради несогласувања со тогашниот македонски врв. Четири месеци подоцна е уапсен пред својата куќа во Прилеп, а подоцна полицијата ќе соопшти дека е притворен поради обид за бегство во Грција. Осуден е на 11 години затвор, од кои ќе одлежи девет години и четири месеци, по кои е пуштен на условно, а на 24 јули 1957 година починал од рак на желудникот. Во 1990 година е рехабилитиран, а во 2010 година претседателот Ѓорге Иванов постхумно го одликува со „Орден на Република Македонија“.