Тренерот на Вардар Чеде Јаневски е професионално смирен по големиот успех на македонскиот првак кој преку Фенербахче стаса до натпреварите по групи во фудбалската Лига Европа.
„Ја добивме групата вчера, и можам да кажам дека истата е тешка какао и сите останати. Ние тука на Балканот повеќе би сакале тимови од средна Европа, Италија, Германија, Франција. Но, групата е таква каква што е и треба да се подготвуваме за неа. Имаме свои цели. Се боревме многу да излеземе на оваа сцена и заслужено сме тука. Треба да ги анализираме противниците, и да се подготвуваме веќе за првиот натпревар и против Зенит на домашен терен. За тој тим не треба многу да се зборува. Противникот е составен од многу репрезентативци. Имаат нов тренер Роберто Манчини, а колку можев да видам донесоа и неколку аргентински играчи. Ќе испратиме и наш човек во живо да гледа еден натпревар после репрезентатициите. Да собереме што е можно подобри информации и да се подготвиме за тој натпревар“ рече Јаневски на денешниот брифинг по триумфот во Истанбул и по дознавањето на противниците во групата Л во ЛЕ.
„Еуфоријата е голема, и се надевам дека ќе ги израдуваме нашите навивачи и во групната фаза. Многу малку ни даваа шанса и на двата натпревари со Фенербахче, но Вардар покажа дека може. Колку бодови ќе собереме не знаеме, и ќе видиме на почеток на декември. Верувам во играчите, иако ќе биде исцрпувачка есен со оглед дека ќе немаме воопшто слободни термини. Патувањата во Европа се долги и на тоа треба да се размислуваме. Но, за мене како тренер размислувањата се дека е подобро да играме натпревари околу само да тренираме“ сумира тренерот на Вардар кој по враќањето во својот клуб, но сега како предводник на стручниот штаб има три победи во три настапи.





