Јавно посочување кон советник во Советот на Велес, оти гласал за државната химна во училиштата – небаре за вршење кривично дело!

„Интонирањето на химната на * Македонија ќе биде задолжително во основните училишта во општина Велес.  Ваква одлука донесе Советот на општина Велес со 20 гласови ”за’. За таквата одлука гласаше и Невзат Муаремовски, советник од редовите на ДУИ. ИНА објавува ексклузивно видео, на кое се гледа и советникот од ДУИ Муаремовски кога гласа ‘за’.“ – објави информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА во својата видео-информација со наслов „Советникот на ДУИ во Велес гласаше за интонирање на македонската химна во училиштата (ВИДЕО)“.  Забележливо е тоа што во оваа информација се врши своевидно јавно посочување кон односниот советник со ‘ексклузивно видео’ и обележување со црвен круг во момент кога ја крева раката, за да гласа ‘за’, небаре дал глас за вршење некакво кривично дело, а не оти е за исполнувањето на државната химна на Република Македонија – нешто што се практикува во сите држави во светот како чин на исклучителна национална чест и гордост.



Исто така, во својата информација ИНА го пишува и следното:  „Со 20 гласа ‘за’ се констатира дека е изгласана и усвоена предлог-одлуката за задолжително интонирање на химната на Република Македонија во основните училишта во општина Велес.“ – беше објавено на крајот на седницата на Советот. Муаремовски го поддржа и изборот на новиот претседавач на Советот на општина Велес Даниел Јаневски, кој дојде на оваа должност, откако досегашниот претседавач Зоран Љутков е именуван како министер за култура.

Иницијаторите на оваа веќе донесена одлука велат дека целта е со тоа да се поттикнат чувствата за националната припадност и љубовта  кон татковината уште во раната возраст.