„За вакво незнаење, професорке Арифи, на мојот факултет се губеше година (особено ако си Македонец)“, ѝ порача јавен обвинител на професорката што деновиве влезе во јавна препирка со колеги од академската заедница.
Обвинителот од охридското Јавно обвинителство, Војо Димоски, на својот профил на „Фејсбук“ објави изјава на професорката Беса Арифи, во која таа манифестира, како што вели тој, ноторно непознавање на кривично-процесното право. Еве го неговиот статус во целост:
„Дента СЈО го поднесе обвинението против Груевски за шамарите во Центар. Вечерта на Телма професорка по кривично-процесно право рече: ‘Ја поздравувам одлуката на СЈО да го поднесе обвинението во скратена постапка’.
Професорката не знае дека тоа дали постапката ќе биде редовна или скратена не зависи од СЈО, туку од заканетата казна.
За вакво ноторно незнаење на мојот факултет се губеше година (особено ако си Македонец).
Нејзиното име е Беса Арифи. Престанете да правите славни луѓе со стручна инсуфициенција!“, напиша обвинителот на „Фејсбук“.




