Ѓубре насекаде: Низ цела Македонија идентификувани се повеќе од 1000 диви депонии

Во целата држава се идентификувани над илјада диви депонии, но нивниот број не е констатен, тој секојдневно се менува. Надлежноста за отстранување на дивите депонии е во рацете на општинските власти, а Министерството за животна средина и просторно планирање секоја година одвојува средства од буџетот за нивно чистење, доколку за тоа до нив општините достават барање, пренесува МИА



Раководителката на Секторот за управување со отпад при МЖСПП, Ана Мазнева Каранфиловска вели дека сите идентификувани диви депонии може да се преземат од регионалните планови за управување со отпад и физибилити студиите изработени за сите осум плански региони во земјата и нагласува дека состојба на терен за жал останува иста.

Министерството во изминатите 12 години, вели Мазнева Каранфиловска, најголем акцент посветило на воспоставувањето интегриран самоодржлив регионален систем за управување со отпад за секој од планските региони во Република Северна Македонија, бидејќи општините во сите региони покажале многу ниски капацитети и технички и финансиски за да можат самостојно да го воспостават овој систем. Дополнително подготвуваат и национална кампања која треба да помогне во информирањето на граѓаните за соодветното управување со отпадот и зошто е тоа важно за нивното здравје и безбедност.

Мазнева Каранфиловска нагласува дека воспоставувањето на регионалниот систем ќе придонесе и за надминување на постоечката состојба со управување со отпад, но и со создавањето на дивите депонии.

– Воспоставувањето на овој систем ќе придонесе за намалување на создавањето на дивите депонии, бидејќи сите населени места ќе ја добиваат соодветната услуга за собирање на отпад. Владата е посветена на изнаоѓање средства за финасирање на овие регионални системи, било преку кредитни линии или преку обезбедување на грантови од ЕУ или други фондови – вели таа за МИА.

Дивите депонии најчесто настануваат поради несовесното однесување на граѓаните. Рајне Игновска Наумчев, советник за оцена на влијанието на животната средина во Општина Велес посочува дека несовесните граѓани фрлаат отпад каде што ќе посакаат и не се придржуваат до соодветните локации каде што треба да го фрлаат.

– Имаме програма во Одделението за животна средина каде што имаме предвидено соодветни средства за чистење на депонии. Во зависност од појавувањето на дивите депонии се издаваат налози  до Јавното комунално претпријатие и се чистат – вели Игновска Наумчев за МИА, а нивното создавање, како што посочува, може да се спречи само со подигање на јавната свест.

За тоа како е решено прашањето на комуналниот отпад во Велес, вели дека има план и програма, според која работи комуналното претпријатие и секојдневно се чисти и по региони и во централното градско подрачје.

Извор: МИА. Мк