Ѓорѓиевски: Се работи на подобрување на системот, за да создадеме функционално општество, во кое ќе бидеме безбедни сите

„Правени се инспекции и контроли во минатото, но никогаш можеби не биле јавно претставени, или доволно не биле претставени од градоначалниците. Во моментов се вршат строги вонредни контроли во координација со претседателот на Владата Христијан Мицкоски. Од почетокот ни беше приоритет да направиме првично контроли во сите училишта и градинки на териториите на општините, зада видат граѓаните дека нивните деца се безбедни. Извршени се контроли во повеќе од 90 отсто од објектите од јавен карактер.“ – изјави Орце Ѓорѓиевски, градоначалникот на општина Кисела Вода и претседател на Заедницата на единици на локална самоуправа.



Тој напомена дека ќе се врши инспекции на јавните установи и во станбените згради: првин ќе им се даде време на одговорните да ги средат обврските, а потоа ќе бидат предупредени. Но ако остане и потоа по старо, ќе треба да се казнат управителите. Ѓорѓиевски дополни и дека помошта меѓу општините ќе продолжи и оти ќе има размена на инспектори, за да биде завршена работата.

„Со меѓуопштинска соработка ќе си помагаме едни на други во наредниот период. Тоа било пракса во узминативе 3 години. Ни претстои период на активности: се ќе се прегледува и нема да има толеранција кон никого. Секој ќе добие период во кој што ќе треба да се приспособи и да ги отстрани сите неправилности, кои што ги има, за да може граѓаните да се чувствуваат безбедно.’’ – порача Ѓорѓиевски.

Тој изрази жалење за пожарот во Кочани и целокупната ситуација, но истакна дека мораме да одиме напред и да го промениме системот, кој нас не уназадува со години. „Имаме полуфункционален систем. Имаме институции, кои во минатото не постапувале и тоа генерално се централни институции, јас не велам дека во локалните власти насекаде се функционира онака како што треба, но знам колку се трудат градоначалниците целиот мандат, за да се поправи се она што било наследено од претходниците. Ме радува што истото тоа го прави и Владата во моментот, што премиерот е постојано во функција на тоа да ги подобри работите во целиот систем, за да создадеме функционално општество, во кое сите ќе бидеме безбедни.’’ – заклучи Ѓорѓиевски.