Ѓорческа во финалето на тенискиот турнир во кипарски Аламинос

Mакедонската тенисерка Лина Ѓорческа утре од 10 часот ќе се бори за трофејот на турнирот во Аламинос кај кипарскиот град Ларнака, кој се игра на земјени терени и за награден фонд од 25 илјади американски долари, а противничка во финалето ќе ѝ биде петтата носителка Луција Ќириќ Багариќ од Хрватска, 214. на ВТА-листата во сингл.



Првиот женски рекет на Македонија, неделава 241. на ВТА-листата во поединечна конкуренција, во полуфиналето славеше со 7-5, 6-4 против Нурија Бранкачо (240.) од Италија.

Претходно, Ѓорческа ги победи и домашната претставничка Марија Сјопаха со 6-1, 6-1, потоа италијанската квалификантка Матилде Паолети (631.) со 6-3, 3-6, 7-5 и во четвртфиналето Ксенија Зајцева (439.) од Русија со 6-2, 6-2.