Демонстранти се судрија со полицијата во центарот на Лос Анџелес, во САД. Уапсени се околу 60 лица. Претседателот Доналд Трамп изјави: „Ако плукаат, ќе удриме!“.
Стотици демонстранти се собраа пред канцелариите на Службата за имиграција и царина, протестирајќи против рациите и депортациите на мигранти, што агенцијата ги спроведува низ Калифорнија и САД, објави СиЕнЕн. Еден Мексиканец во Лос Анџелес им се закануваше на федералните агенти и нивните семејства: „Подобро внимавајте и на вашите семејства!“
Демонстрациите, кои првично беа мирни, ескалираа во судири со полицајците од Сан Франциско, кои беа во опрема за немири. Според полициското соопштение, некои демонстранти нападнаа полицајци, полесно повредувајќи двајца од нив и предизвикувајќи оштетување на имот. Полицијата го прогласи протестот како „незаконско собирање“, по што повеќето од демонстрантите се разотидоа.
Во исто време најмалку 56 лица беа уапсени во центарот на Лос Анџелес за учество во протести против рациите за имиграција. Полицијата соопшти дека демонстрантите биле уапсени, откако ги игнорирале предупредувањата за разотидување откако собирите во центарот на Лос Анџелес беа прогласени за незаконски, објави ЕнБиСи. Меѓу уапсените е лице, кое наводно фрлило молотов коктел кон полицаец, како и лице кое наводно со мотоцикл се упатило кон полицискиот кордон, повредувајќи еден од нив. Судирите меѓу демонстрантите и полицијата продолжуваат во центарот на Лос Анџелес. Полицијата предупреди дека ќе одговори со сила, ако демонстрантите употребат „запаливи направи“.
Американската војска привремено ќе распореди околу 700 маринци во Лос Анџелес додека не пристигнат повеќе војници од Националната гарда, што означува уште една ескалација во одговорот на претседателот Доналд Трамп на уличните протести. Американски функционер, кој зборуваше под услов да остане анонимен, рече дека баталјон од маринците ќе биде испратен на привремена должност додека на местото на настанот не пристигнат повеќе војници од Националната гарда. Пентагон објави дека Доналд Трамп наредил распоредување уште 2000 војници од Националната гарда. Не е познато кога ќе пристигнат во Лос Анџелес остатокот од почетната група и новите сили.






