Изградбата на автопатите кои треба да ги гради конзорциумот „Бехтел-Енка“ никако да почне. Поради техничките проблеми, проблемите со експропријација на земјиштето и сомнежите за коруптивни елементи во договорот , како и судски постапки, изградбата на делниците е неизвесна, објави порталот Пари. Неопходно е, пишува, да се заврши потребната експропријација и дислокација на електричните и телекомуникациски водови, а потоа, пред Нова Година „Бехтел и Енка“ да влезат на терен со активности за изградба на коридорите 8 и 10д. Ова го истакна директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) Коце Трајановски.

Како што соопшти тој, интензивно се работи на експропријации за кои претходната влада дала рокови да бидат завршени минатата година, а средствата за таа намена се надвор од планираните 1,3 милијарди евра за изградба на автопатиштата. Незадоволни жители од најавите за експропирација пред неколку месеци во прилепско и гостиварско ја блокираат механизацијата.
Пред повеќе од пола година имаше „бунт“ во селата Горна и Долна Бањица кај Гостивар. Проблемот во гостиварско настана поради експропријација на ниви за потребите на изградбата.
Прилепското село Ореовец е втора локација од почетокот на 2024 година на која работата е забавена или стопирана затоа што локални жители се противат на постапки преку кои треба да се подготви теренот за градење.
Трајановски посочи дека го разгледуваат проблемот на жителите на прилепското село Ореовец кои со блокада на патишта ги спречуваат ископите на „Бехтел и Енка“ за делницата Прилеп-Битола, со образложение дека се нарушува статиката на нивните куќи и ќе се уништат изворите за вода. Повеќе за ова може да се прочита на порталот Пари.мк.





