Што навистина го поскапе лебот за 10%?!

Што ја покачи цената на белиот леб – моментална или ситуација што е неминовно да продолжи на долг рок? Веќе два дена како лебот доби нова, повисока цена. Дел од компаниите ставија нови, повисоки цени за 10 до 15%. Па така, лебот што се продаваше за 29 денари, сега чини 33. Некои од пекарите веќе ги поскапеа и белите печива како ѓеврекот, переците и кифлите.



Граѓаните, пак, се загрижени поради зголемените трошоци за живот, особено во услови на економска криза. Многумина изразуваат негодување и бараат од владата да преземе мерки за да ги ублажи последиците од поскапувањето.

Производителите на леб истакнуваат дека биле приморани да ги зголемат цените поради значителниот раст на трошоците за производство, вклучувајќи ги и цените на брашното и струјата. Ова поскапување, според нив, е неопходно за да се одржи квалитетот на производите и да се обезбеди нормално функционирање на производните капацитети.

  • Последиците на покачувањето се зголемените цени на суровините, поготово на пченицата во изминатите 45-50 дена на светските берзи со што автоматски се зголемени цените на брашното, како во светот, така и во регионот. Тоа е една од причините што се зголемија за 10-ина проценти, затоа што во меѓувреме тие цени се намалуваат пред жетвата, се надевам ќе се стабилизираат и затоа компаниите така одлучиле“, рече Горан Малишиќ, од на Групација за мелничко-пекарска индустрија.

Пред околу еден месец од агро-бизнис комората рекоа дека лебот нема да поскапи летово, а потоа ќе се прават анализи со оглед на руско-украинскиот конфликт и турбуленциите на Блискиот Исток. Но, и покрај таквите најави, цените порано почнаа да одат нагоре.

Сега, и индустријата и граѓаните ја чекаат новата влада, од која очекуваат воведување мерки, за да го ублажи ценовниот шок. Дел од експертите предлагаат субвенционирање на цените на пченицата, но и воведување мерки за контрола на цените на основните животни потреби. Во екот на енергетската криза владата ги замрзна цените на основните прехранбени производи, меѓу кои беше и лебот.