Две анегдоти наведени во написот на хрватскиот дневен лист „Данас“ со наслов „Нов или горен Македонец?“ ја отсликуваат апсурдноста на проблемот со името на македонската држава што го има Грција.



Првата е поврзана со жител на Скопје и со неговиот поглед на сопствениот идентитет што му го изнел на посредникот на Обединети нации, Метју Нимиц.

„Додека се бричам, се погледнувам во огледалото и велам ‘Јас сум Македонец’. Дали очекувате следното утро да кажам дека сум ‘нов’ или ‘горен’ Македонец?“, го прашал Македонецот.

Другиот момент се однесува на претходниот генерален секретар на ОН, Бан Ки Мун, кој наместо привремената референца „поранешна југословенска Република Македонија“ гласно рекол „бивша југословенска Југославија“, а потоа тивко му порачал на Нимиц „гледате дека морате да го решите тој проблем, кој ме излудува“.