Дополнителната финансиска поддршка покажува дека богатите индустриски нации (Група Г7) остануваат посветени да ѝ помогнат на Украина повеќе од две години по руската инвазија, изјави вчера германскиот канцелар Олаф Шолц.
Говорејќи пред новинарите на годишниот самит на Г7, Шолц рече дека рускиот претседател Владимир Путин бил во заблуда кога очекувал меѓународната поддршка за Украина да опаѓа со текот на времето.
„Ова е многу јасна посветеност што треба да ги охрабри Украинците да го направат она што е неопходно за да ја одбранат својата независност и суверенитет“, рече Шолц.
Тој додаде дека ова е јасен сигнал до рускиот претседател дека „не може само да седи со скрстени раце и да се надева дека фискалните проблеми во земјите кои ја поддржуваат Украина еден ден ќе му овозможат да победи во војната“.
Планот на Г7 за Украина се заснова на повеќегодишен заем од околу 300 милијарди долари од конфискувани руски средства.
„Ова е историски чекор што го правиме денес“, заклучи германскиот канцелар.






