Германскиот канцелар Олаф Шолц планира во петок да отпатува во ненадејна посета на Белград и средба со српскиот претседател Александар Вучиќ за да присуствува на потпишувањето на договорот за соработка меѓу ЕУ и Србија за увоз на минерали, вклучително и литиум, кои се клучни за дигиталната и зелената транзиција на ЕУ, објави „Политико“.



Вучиќ претходно беше главно изолиран меѓу европските лидери поради неговите контроверзни флертувања со Русија и Кина, тензиите со Косово и наводите за изборна измама.

Но, Германија, како најголем производител на автомобили во ЕУ, има силен интерес за обезбедување на литиум, особено во Европа за да се намали зависноста од Кина.

Српската влада најави дека ќе ја рестартира работата на контроверзниот проект за ископ на литиум во западниот дел на земјата, по минатонеделната одлука на Уставниот суд со која беше поништено претходното откажување на рударската операција.

Претходната влада го стопираше проектот пред повеќе од две години и ги укина дозволите доделени на британско-австралискиот рударски гигант Рио Тинто по масовните протести.

Рудникот Јадар, во близина на градот Лозница во западна Србија, содржи некои од најголемите европски резерви на литиум.

Критичарите стравуваат дека проектот ќе ѝ наштети на природата

Вучиќ минатиот месец за „Фајненшл тајмс“ изјави дека рудникот, кој се очекува да биде отворен во 2028 година, ќе произведува 58.000 тони литиум годишно.

Со тоа би се задоволиле потребите за 17 отсто од производството на електрични возила во Европа или 1,1 милион автомобили.