Шкендија е пред возвратна средба од третото коло во вториот европски куп. Тетовци денеска од 17 часот во Струмица играат со Тракаи, а потсетуваме се обидуваат да надокнадат пораз од 2-1. Црвено црните во Литванија минатиот четврток за прв пат летово беа поразени, но се може да се сврти ако во мечот на таличниот, за нив, стадион Младост биде остварена четвртата победа сезонава. Таа може да биде и минимална, а би била доволна заради голот на гости. Но, во Шкендија не размислуваат за игра по жица и сакаат убедлив триумф и сигурен пласман во новиот круг.



„Имаме активен резултат, иако загубивме 2-1. Претстојат уште 90 минути, а верувам дека Шкендија има подобар тим. Во Вилнус имавме многу непријатности, останавме со двајца играчи помалку, направивме одредени грешки. Сепак, и таму покажавме дека сме поквалитетен тим. Со мудра игра, и со поддршка од фановите, мислам дека можеме да ја оствариме целта. Но, не смееме да грешиме како во Литванија“, порача капитенот Ферхан Хасани.

Ако Шкендија попладнево го мине Тракаи, Македонија ќе има два клуба во плеј оф колото во Лига Европа што ќе биде наш најголем успех од осамостојувањето.