Шкелзим Демири, вработен во МВР на РМ, е осомничениот за пуштање во оптек стотици илјади фалсификувани монети од 2 евра во Косово!

„Шкелзим Демири (34) од Ресен, вработен во Секторот за разбивање организиран криминал и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи н Република Македонија, беше уапсен на 4 август 2024 година на територијата на Косово во заедничката акција на косовските и македонските власти, како осомничен дека произведувал фалсификувани метални монети од 2 евра, кои потоа ги пуштал во оптек на територијата на Косово. Дистрибуирал стотици илјади евра во фалсификуваните метални монети со номинална вредност од по два евра.“ – објавија ТВ Алсат денес и ТВ 21 вчера.

ТВ Алсат и ТВ 21 имаат објавено: Властите на Косово и на Македонија уапсија македонски државјанин, кој е осомничен за производство и дистрибуција на фалсификувани пари со метални апоени од 2 евра. За овие кривични дела како осомничен во Косово е уапсен Шкелзим Демири. Во меѓувреме, македонските власти извршија проверки на три локации и запленија машини за производство на фалсификувани пари. „При контролата се одземени машини за производство на фалсификувани монети од 2 евра, шаблони за пари, шест вреќи со полуготови монети и една кеса со готови фалсификувани монети, како и сите суровини за нивно производство.“ – се наведува во заедничкото соопштение на властите на Косово и на Македонија.

Со решение на обвинител за овој случај од Специјалното обвинителство на Косово на македонскиот државјанин му е одреден привремен притвор во траење од 48 часа и до судот ќе биде поднесено барање во законскиот рок за определување мерка за обезбедување на неговото присуство во постапката. Поради неколку регистрирани случаи на пуштање во оптек фалсификувани пари во Косово, Специјалното јавно обвинителство на Косово заедно со Секторот за истражување на економски криминал и корупција во тамошната полиција, од 2023 година „почнаа повеќе активности насочени кон спречување на дистрибуција на фалсификувани пари, особено евра на пазарот во Косово“.

„Како резултат на овие активности започна голема меѓународна истрага, во чии рамки беше формиран заеднички истражен тим меѓу Специјалното обвинителство на Косово и Основното јавно обвинителство од Скопје, Република Македонија. Во спроведувањето на активностите на истражната група се вклучени и претставници на Одделот за борба против организиран криминал и сериозен криминал, Единицата за финансиски криминал при Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и Управата за економски криминал во полицијата на Косово. Соработувајќи заедно, тие ја спроведоа акцијата, во која во Косово беше уапсен Шкелзим Демири, кој е осомничен дека произвел и пуштил во оптек во Косово стотици илјади фалсификувани метални монети евра со номинална вредност од два евра. Оваа операција е целосно поддржана од Европол.