Шестчлено македонско семејство повредено во сообраќајка во Австрија

Шест члена на семејство од Македонија завршија в болница по синоќешната сообраќајна несреќа на автопатот А10 кај австрискиот град Салцбург, неколку километри по тунелот Тауерн на височинката Флахау (Понгау) во насока кон север.



До незгодата дошло кога 24-годишниот возач на автомобилот со седум седишта ја изгубил контролата врз возилото поради снежните услови на патот, па тоа се излизгало и излетало на десната страна од коловозот и завршило во ендек.

„Македонецот пролизгал поради зимските услови на патот“, соопшти полицијата.

Покрај возачот, повредени во несреќата се и сопатниците на возраст од 15, 16, 20, 47 и 48 години, кои по укажаната прва помош на местото на настанот со возила за итни случаи се префрлени во болницата во Шварцах.

Автомобилот со кој се превезувало македонското семејство бил значително оштетен и извлечен со кран од ендекот.

(Напомена: Фотографијата е симболична илустрација на написот)