Шасивари: По укинувањето на балансерот можна е зголемена дискриминација на Албанците при вработувањата во јавниот сектор

„Јетон Шасивари, професор по уставно право од Штуловиот универзитет во Тетово вели дека со укинувањето на балансерот се отстранува единствениот правен инструмент за позитивна дискриминација, кој донекаде гарантираше етничка рамнотежа во јавниот сектор.“ – се нагласува во анализата објавена во информативниот портал на албански јазик „Порталб“ во врска со одлуката на Уставниот суд на Македонија за укинувањето на балансерот. 



„Порталб“ пишува: „Со укинувањето на балансерот се отстранува од правниот поредок еден правен инструмент на позитивна дискриминација, преку кој се спроведуваше соодветната и правична застапеност на сите етнички заедници во јавниот сектор како нова основна уставна вредност по 2001-та година.“ – вели д-р Шасивари.

Тој дополнува дека ваквата состојба може да ја доведе земјата до правна несигурност, зголемување на случаите на дискриминација по етничка основа и нарушување на хоризонталната етничка рамнотежа при вработувањето во јавниот сектор.

Оваа нова правна ситуација создава празнина, која ќе произведе правна несигурност од два аспекта: (1) поради можната опасност во иднина да се зголемат случаите на дискриминација врз етничка и политичка основа при вработување во јавниот сектор на штета на Албанците, но и на другите помали етнички заедници и (2) поради нарушување на хоризонталната етничка рамнотежа на вработеноста во јавниот сектор, односно враќање на претходната состојба пред да се воспостави овој законски инструмент, каде што етничкиот процент на вработени во институциите зависеше вертикално од етничката припадност на раководителите на институциите“ – посочува овој уставен експерт.

Според Јетон Шасивари, во моментов останува на законодавецот да вгради друг, или идентичен правен инструмент како балансерот, бидејќи соодветната и правична застапеност како уставна вредност не може директно да се примени без посредување на законите и правните инструменти.