Чупеска: Со „фашистичките“ повици Максо, Билјана и Гордана го прават Македонецот да се чувствува како згмечено го*но!

„Претседателските кандидати Максо, Билјана и Гордана го прават Македонецот да се чувствува како згмечено го*но, што реално не е случај, туку напротив, баш ќе биде згмечен Македонецот токму тогаш ако се ‘отчлени’ од НАТО и кога ќе застане гордо ПРОТИВ СИТЕ среде виорот на преговорите што ги блокираше самиот. Разгневениот македоноцентризам е етнодегенерична политика, која води во бездна и чија цел е можноста за дестабилизација! Кој е поголем патриот: тој што мисли дека земјава е негова етничка сопственост, или тој што е соочен со реалната општествена разноличност и си ја приспособува политиката со Охридскиот договор, со Преспанскиот договор, со Европската унија? Аман веќе од таквиот патриотизам! Секоја политичка исклучивост, не само етничката, е тоталитарна логика! SS одреди не ни се непотребни!“ – вели д-р Ана Чупеска, професорка по политички науки од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во својата скандалозна колумна со наслов „Три чисти“, која ја објави весникот „Слободен печат“.



Користејќи низок речник преполн со навреди, тешки лични квалификации со асоцирање на нацизмот и фашизмот, Чупеска  ги обвинува „претседателските кандидати Максо, Гордана и Билјана, кои веќе дробат празна слама“ дека упатуваат „фашистички и националпреродбенички повици до аудиториумот“, повикувајќи на минатото, но и оти не се потребни фашистички „СС одреди“!

Во  колумната, покрај другото, Чупеска пишува: Изборите, што ни претстојат, нема да бидат воопшто здодевни. Ќе се изнагледаме и изнаслушаме фантастични будалаштини. Претседателските кандидат(к)и имаат можност да понудат решенија, но веќе „дробат празна слама“. Постои заедничка идејна блискост меѓу Максо, Гордана и Билјана: тоа е „тажниот“ македонски национализам, испомешан со етнопопулизам и ексклузивизам, кој е излезен од мода и е неодржлив за долгорочната македонска држава.

Ќе речете, можеби, дека е легитимно конечно и да се искаже разгневениот македоноцентричен драјв и ќе најдете можеби и оправдување за тоа, за сметка на некои други сегашни национализми. Фино. Но, тие етнодегенерични политики водат во бездна и не се сега политички целисходни. Можноста за дестабилизација е целта на таквите етнодегенерични политики!

Кој е поголем патриот: тој што мисли дека земјава е негова етничка сопственост, или тој што е соочен со реалната општествена разноличност и си ја приспособува политиката со Охридскиот договор, со Преспанскиот договор, со Европската унија? Аман веќе од таквиот патриотизам. Секоја политичка исклучивост, не само етничката, е тоталитарна логика! SS одреди не ни се непотребни!

Максо, Гордана и Билјана го негираат Преспанскиот Договор, кој нè одблокира од НАТО-членство, а благодарение на него сме под безбедносен штит. Сите тројца се против Преговарачката рамка, која е гарант за нашата ЕУ-асоцијација. Најопасната сличност меѓу нив се палигенетските (повикување на генетиката и враќање во минатото – заб.прев.) повици, кои по дефиниција се „фашистички“. Нивните националпреродбенички повици имаат цел да го осакатат аудиториумот, што треба да гласа: стремежот е народот да се чувствува бедно, уплашено, заборавено.

Тоа оди на линија: да им го вратиме идентитетот и достоинството на Македонците, Западот не е фер; меѓународната заедница прави заговори против нас и слични тралалајки. Сè се тоа фрази на болен песимизам, тонење, црнила од Чашуле … Максо, Гордана и Билјана го прават Македонецот да се чувствува како згмечено го*но, што реално не е случај. Напротив Македонецот баш ќе биде згмечен, ако се „отчлени“ од НАТО и кога ќе застане гордо ПРОТИВ СИТЕ среде виорот на преговорите, што ги блокираше самиот. Тоа е реалната и фактички десубјективизираната смрт на Македонецот. Не овие лажги со опашки. Не, ова што овие тројца се обидуваат да го прикажат. Имате ли „три чисти“?