Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека сите оние што мислат дека картелски ќе се здружуваат, ќе одговараат пред законот. Заменик-министерот за економија, Марјан Ристески, најави дека денеска од Државниот инспекторат за труд ќе информираат за надзорите што се направени откако стапи на сила владината мерка за ограничување на маржите на 102 групи производи и замрзнување на цените на прехранбените и на хигиенските производи.
Четири големи ланци маркети се соочуваат со можност за рекордна казна од над 47 милиони евра откако Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) го потврди сомнежот за картелско договарање цени на штета на граѓаните. Имано, како што пренесува Вечер, Комисијата утврдила дека четирите маркети што го воделе клучниот збор во одржувањето на високото ниво на цените и Сојузот на стопански комори постапиле спротивно на законот, бидејќи одлучиле на состанок да не прифаќаат нови ценовници од набавувачите до крајот на март.
Од Антикорупциска велат дека е започната прекршочна постапка против четирите маркети и Сојузот на стопански комори, кои имаат право да достават свои аргументи. По нивното разгледување, КЗК ќе ја информира јавноста за својата одлука.

Со цел да го спречи галопирачкиот раст на цените, власта креираше есенска и новогодишна потрошувачка кошница, но маркетите, меѓусебно договарајќи се, го држеа високото ниво на цените на речиси сите производи. Некои граѓани и претходно реагираа дека забележале исти цени на производи во различни маркети, а некаде тие продукти биле поскапи од оние што може да се најдат во соседните земји.
Токму таква злоупотреба утврди Антикорупциска, дека се договарале маркетите цените да останат високи за да си го заштитат профитот, а во јавноста излегуваа со убедливи причини за тоа зошто нема простор за намалување на цените и се закануваа со отпуштање на вработените. Ниту бојкотот на граѓаните не ја разниша нивната намера, па Владата се одлучи за мерката за ограничување на маржите и замрзнување на цените.
Ако КЗК донесе финална одлука да бидат казнети четирите ланци маркети, согласно со нивната годишна добивка, тогаш тие би требало да платат 10 проценти од добивката, односно 47 милиони евра, а сумата што ќе треба да ја плати Сојузот на стопански комори, кој е обвинет дека во неговите простории се договарало картелското здружување, е 1 процент од годишната добивка, но дополнително ќе биде пресметано тоа. Од ССК реагираа дека се изненадени од ваквата постапка, тврдејќи дека никогаш не се мешале во комерцијалната политика на економските оператори.





