Челиковиќ: ЕУ не се грижи за националните малцинства и јазици, ниту за Македонците и македонскиот јазик во Грција и Бугарија!

Правата на малцинствата често се злоупотребуваат за заострување на билатералните и регионалните спорови, што предизвикува ставање клин во евроинтеграциските напори. Добар пример за тоа се грчкото оспорување на македонското малцинство, како и политичките уцени и условување на отворањето на преговорите на Македонија за ЕУ-членство со претходно внесување на бугарското малцинство во македонскиот Устав. Тоа упорно го бара официјална Софија, без нималку да го го помрдне својот целосно негаторски став во однос на постоењето македонско малцинство и македонски јазик во Бугарија.“ – нагласува новинарот Ивица Челиковиќ во својата колумна со наслов „ Кормилото на ЕУ ги заобиколува малцинствата“, која ја пренесе информативниот портал „Плус инфо“.



Натаму, покрај другото, Челиковиќ пишува: Се искажуваат остри критики дека ЕУ не се грижи на посериозен начин за јазичните малцинства. Загрижувачки е  фактот што преку ЕУ програмата за финансирање, „Следната генерација на ЕУ“ на малцинствата им е се потешко да добијат поддршка. Тоа најмногу ги засегнува училиштата, организациите и здруженијата, кои се обидуваат да ги промовираат јазиците на малцинствата. Субвенциите се единственото средство на ЕУ да влијае, бидејќи ЕУ нема правна норма, закон, на кој теба да се повика кога станува збор за одбрана на јазиците на малцинствата. Затоа се истакнува важноста на финансирање проекти, кои ги поддржуваат и ги промовираат јазиците на малцинствата. Но на помалите јазици речиси не им се дава никаков приоритет.

Во ЕУ се провлекува и стремеж земјите-членки да се воздржуваат од упатување меѓусебни критики. Но со тоа не се намалуваат и критиките од разни инстанци за постојаниот недостиг од акција и конкретни мерки од страна на Брисел за заштита на малцинските јазици. Притоа се истакнува дека Европската комисија свесно се крие и тврди оти заштитата на малцинствата и јазичната политика се одговорност на земјиte-членки. Една од најважните задачи на ЕУ како мировен проект е да обезбеди претпоставки и услови земјите-членки да ги почитуваат и ги штитат нивните малцинства, но наместо тоа малцинствата се оставени сами да ги бранат своите права против соодветните централни власти во државата.

Што се однесува до Македонија, Законот за употреба на јазиците усвоен во 2018 година, заради унапредување на малцинските јазични права, значително ја прошири употребата на албанскиот малцински јазик, така што во многу аспекти ги надмина европските стандарди утврдени со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за регионални и малцински јазици. Но закон во значајна мера ги фаворизира малцинските јазични права само на една малцинска група.

Се додека секоја нова членка на ЕУ го внесува сопствениот државен јазик како еден од официјалните ЕУ-јазици, нема никаква причина со таквата практика да не биде опфатена и Македонија, чиј влез во ЕУ, кога и да се случи, треба да биде означен со приклучување на македонскиот јазик, – како официјален државен јазик за употреба во меѓународни рамки, – кон европското јазично семејство во Брисел. Но, неоспорно и како мајчин јазик на македонското малцинство во соседството и во светот.