Челиковиќ: Во РМ има двојазичност во полза на албанскиот јазик, а во ЕУ „цути“ еднојазичноста и се поттиснуваат малцинските јазици!

Додека во Македонија функционира и натаму законот за двојазичност во полза на малцинскиот албански јазик, иако поттикна низа контроверзии, во последниве години во Европа се случува насоченост кон еднојазичноста, што е во истовреме насоченост и против сите јазици на националните малцинства и нивните култури. Во голем број членки на ЕУ еднојазичноста се смета како сосема нормален и правилен модел на јазичната политика.“ – нагласува новинарот Ивица Челиковиќ во својата колумна со наслов „Аверзија во ЕУ против повеќејазичноста“, која ја објави весникот „Слободен печат“.



Покрај другото, Челиковиќ пишува: Во Европа се зборуваат околу 225 „домашни“ јазици. Кон таа бројка треба да се додадат и јазиците на имигрантите, на доселениците, така што околу 300 јазици се користат во Европа, според некои истражувачи. Во ЕУ често се нагласува значењето на јазичната различност и повеќејазичноста како важен дел од европското културно наследство. Но, едновремено, развојот поврзан со јазичната проблематика во повеќе ЕУ-членки го покажува токму спротивното.

Во голем број членки на ЕУ еднојазичноста се смета како сосема нормален и правилен модел на јазична политика. Голем број земји се вртат сè повеќе внатре кон себе. Екстремната десница во изминатите години постигна успех на изборите во низа земји и се засилија националистичките ветришта. За јазичната политика во Европа тоа е лоша работа. Заострена е толеранцијата кон користењето на сопствениот јазик: многумина, што зборуваат малцински јазици, не се осмелуваат да го употребуваат својот јазик во јавен простор во градовите.

Проширувањето на Европската Унија и постојаното приклучување на нови земји членки, односно повеќејазичноста, станува гломазен проект, кој ја чини ЕУ милијарди евра. Се предизвикува застој во работата и се усложнуваат механизмите за превод и комуникација. Многумина сметаат дека повеќејазичноста постепено се претвора во сериозен товар, наместо да функционира како олеснувачки инструмент, според изворната замисла. Насоченоста кон еднојазичноста е во исто време насоченост и против сите јазици на националните малцинства и нивните култури.

Екстремно-десничарската и националистичка партија Вистински Финци во Парламентот се обидува да ја намали традиционалната двојазичност во Финска, каде што јазикот на финските Швеѓани (помалку од шест отсто од населението) е во рамноправна употреба со мнозинскиот фински јазик. Од друга страна, во Македонија пред неколку години беше усвоен Закон за двојазичност во полза на малцинскиот албански јазик, кој и понатаму функционира, иако поттикна низа контроверзии.

Обесправените малцинства во Европа не добиваат никаква помош од ЕУ. Унијата постепено ја  губи својата доверливост во заштитата на малцинските права. Пред неколку години една граѓанска иницијатива на унгарското малцинство во Романија не беше прифатена и поддржана од Европската комисија. Во кампањата во врска со оваа иницијатива беа собрани милион потписи, со цел да се поттикне ЕУ да го унапреди законодавството за заштита на малцинствата и нивното право на образование, култура, регионална политика и учество во медиумското информирање.

Одговорот на Европската комисија на споменатата граѓанска иницијатива на унгарското малцинство во Романија, бил „целосно неверојатен“, како што многумина оцениле. ЕУ одговорила дека ги штити правата на малцинствата, но и оти нема правна основа, за да се бранат таквите права. Тоа е веројатно и најголемиот проблем со целиот ЕУ-апарат. Во свечени говори и изјави гласно се декларираат таквите европски вредности, но во практика, всушност, ништо не се случува.

Зошто тогаш би се изразувало уверување дека ЕУ би можела да покаже решителност и одблиску да се позанимава со проблемите, на кои е изложено македонското малцинство во Бугарија?

Проширувањето на ЕУ кон Исток доведе до оживување на „подзаборавените“ малцински јазични и културни проблеми и извесни спорни прашања на границите, а со тоа и до појава на повеќе можни жаришта на судири. Надежта беше и сè уште е дека ЕУ-членството ќе ги обврзе членките да ги решаваат проблемите со соседите и малцинствата на мирен начин, при што идеално решение би било сите земји со малцинства, вклучувајќи ги, се разбира, и земјите кандидатки од Западен Балкан, да бидат примени во полноправно членство, и со тоа во голема мера да се „деактивира“ дискриминацијата на националните малцинства низ историјата.

Поради ова стравува Бугарија од можното полноправно членство на Македонија во ЕУ. Оттаму и нејзиното тврдо вето кон македонските европски стремежи, поттурнувајќи го во скутот на Брисел својот услов, или подобро речено, лажен изговор и уцена, за неизоставно впишување на бугарското малцинство во македонскиот Устав. Многу ли е тешко да се разбере аверзијата, што се создава околу тоа?