Чекав да си дојде дома, ама тој никогаш не се појави. Во 8 часот и 30 минути заѕвони телефонот, ми ја соопштија лошата вест. Син ми загинал. Ме облеа студена пот. Благица, мајката на Ивица Златевски вели дека сè уште сама зборува „со него“ во дневната соба. Тој е еден од осумтемина резервисти на АРМ кои загинаа кај месноста Љуботенски Бачила. По 23 години од загинувањето, сеќавањата сè уште свежи, пренесе МРТ1.

На повеќе локации во Скопје, делегации положија свежи цвеќиња во чест на загинатите бранители.
И преживеаните бранители се сеќаваат на кобното утро кај Љуботенски Бачила.
Генералот Стојанче Ангелов е оптимист дека новата Влада ќе направи повеќе за овие бранители.
Делегација од Министерството за одбрана и Генералштабот предводени од началникот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, положија свежи цвеќиња на спомениците на паднатите бранители.
Дел од загинатите во овој масакр доаѓаат од скопско Ѓорче Петров, каде денеска им се оддаде почит на два споменика во нивна чест. Делегации од Владата, шефот на државата, општината, здруженија на бранители, на политичките, како и членови на семејствата на загинатите положија свежо цвеќе.

- Овие македонски синови зрачеа со ентузијазам, зрачеа со храброст, зрачеа со пожртвуваност за Република Македонија, ги оставија семејствата свои дома одејќи со мисла дека ќе се вратат и дека земјата со нивната жртва ја чекаат подобри денови, изјави градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.
На 10 август 2001 година, воено товарно возило на патот кај месноста Љуботенски Бачила нагази на мина при што животите ги загубија Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски, припадници на резервниот состав на Армијата.





