„Формирањето етнички универзитети и други научни и високообразовни институции врз етничка основа директно води кон деструктивен паралелизам во државата и самогетоизација, која не му помогнала никому досега. Формирањето етнички научни и високообразовни институции се против универзалната природа на науката. Проблемот не е во науката, туку во политиката и нејзините амбиции.“ – реагира преку својот фејсбук-профил Љубомир Цуцуловски, професор по филозофија, во врска со формирањето на така наречената „Албанска академија на науки у уметности во *Македонија“.
Во објавата со наслов „Самогетоизација и паралелизам“ Цуцуловски нагласува: Своето мислење за формирање на етнички научни и високообразовни институции (како што се, на пример, етнички универзитети) го кажав и го напишав уште во 90-те години од минатиот век. Истиот став го задржав и во периодот 2000–2004 година, кога бев претседател на Универзитетскиот сенат на УКИМ: оваа идеја не е само против универзалната природа на науката, туку дека директно води кон деструктивен паралелизам во државата и самогетоизација, која досега никому не помогнала.
Поради моите ставови бев прогласуван како националист. Тоа тогаш не ме радуваше, ниту ме растажуваше, а исто така е и сега. Дека вистинското решение не е во формирање етнички научни институции потврдува и праксата од Косово. Таму беше формирана Академија на науките и уметностите на Косово уште во 1978 година. Секој знае како заврши сето тоа заврши, бидејќи проблемот не е во науката, туку е во политиката и нејзините амбиции.





