И покрај тешкиот пораз од 32:19 против бранителот на титулата Германија на стартот од Европското првенство во Хрватска, ракометарите на Црна Гора велат дека денеска не им е ден Д, но победата им била во мислите пред вечерашниот дуел од 20:30 часот со Македонија.
Третото ексјугословенско дерби од почетокот на шампионатот по Хрватска – Србија (32:22) и Македонија – Словенија (25:24) е клучно за Црногорците не само во однос на пласманот во вториот круг, туку и, обратно, за избегнување на двете последни места на првенството што водат во вториот сад во ждрепката за баражот за следниот мундијал.
„Го означивме овој меч како најважен, но може да се случи ни победа против Македонија да не ни донесе пласман во втората фаза. Сè се искомплицира во групата. Македонија игра добро, го има одличниот Лазаров, но и Раул Гонзалес на клупата, кој сè одлично состави и ја дисциплинира екипата. Тука се и Стоилов, двајца добри голмани… Тоа е сериозна репрезентација“, смета левото крило Игор Марковиќ.
Грст комплименти за противникот подели и десното крило Милош Вујовиќ.
„Се изненадивме, бидејќи Македонија одигра многу добро, трпеливо. Нема да ни биде ни малку лесно против неа. Тоа е исклучително квалитетен тим и на вистинскиот пат е“, изјави ракометарот на унгарска Татабања.
„Ѓетиќи“ на вечерашната средба во Загреб би требало да бидат посилни за голманот Небојша Симиќ. Чуварот на мрежата на бундеслигашот Мелзунген во средата го повреди листот на ногата и првата прогноза беше пауза од три недели, но тој синоќа тренираше со тимот.
Во црногорската репрезентација има доста ликови познати на љубителите на ракометот во Македонија, почнувајќи од селекторот Драган Ѓукиќ, кој своевремено ја водеше и македонската селекција, потоа голманот Раде Мијатовиќ и десниот бек Владан Липовина ги бранеа боите на Металург, а средниот бек Жарко Пејовиќ и пикерот Немања Грбовиќ имаат играно за Вардар. Најдобриот црногорски ракометар, левиот бек Вуко Борозан од Вардар, пак, го пропушта шампионатот поради повредите од сообраќајната незгода минатиот месец.






