Да се седне во кафеана да се руча или да се испие кафе сè повеќе станува луксуз, барем за голем дел од граѓаните. Угостителите ги поскапеа услугите, поради зголемени трошоци и материјали. Велат дека за само еден месец бележат раст на цените за 20 до 30%.
Поскапуваат угостителските услуги – цените се зголемени за 6 отсто за една година. Цените на угостителските услуги во земјата продолжуваат да растат. Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, во февруари 2025 година е забележано зголемување од 0,4 % во споредба со јануари истата година.
Анализата на годишно ниво покажува уште позначителен раст – 6 % во однос на февруари 2024 година. Ова значи дека граѓаните денес плаќаат повеќе за храна и пијалоци во рестораните и кафулињата отколку пред една година.

Кумулативно, во првите два месеци од 2025 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 5,9 % во однос на истиот период лани, додека во споредба со декември 2024 година, порастот изнесува 0,4 %.
Зголемувањето на цените во угостителството доаѓа како дел од поширокиот тренд на инфлација кој влијае врз трошоците за живот, а граѓаните сè почесто забележуваат дека омиленото кафе или ручек во ресторан е значително поскап отколку во претходните години.
Услугите поскапуваат и поради немање доволно кадар. Најмногу недостиг се чувствува во летниот период, кога заминуваат во соседните земји. Растот на цените во угостителството го потврди и Државниот завод за статистика. Најмногу поскапеле безалкохолните пијалаци и ноќевањата. И додека кафето станува луксуз во Македонија, работниците на големо ги пакуваат куферите за во странство.
Хрватска, Црна Гора и Словенија и годинава се најпопуларните дестинации каде се бара сезонска работа и чиста заработувачка. Таму келнерите и готвачите за еден месец можат да заработат и до 3.000 евра, пари кои во Македонија можат да ги сонуваат.





