„Американскиот соработник, ангажиран од страна на ДУИ, веќе разработил модели, според кои ќе се преуреди државата на начин, на кој политичкиот разгранок на вооруженото крило на ОНА треба да ја реализира првичната идеја, за која ја почна војната – освојување територии и нивно припојување кон Албанија. Во моментов меѓународните експерти работат на моделот на Белгија и моделот на Северна Ирска, според кои би требало да се преуреди Македонија. Некои од аналитичарите, со кои се консултиравме, сметаат дека тие модели се по нарачка и насоки, што им ги дала ДУИ, заради полесен распад на Македонија во следниот период.“ – се вели во политичката анализа објавена со наслов „Кои се моделите за ново уредување на државата, на кои работи ДУИ?“ во весникот „Нова Македонија“.
Двата модела се рецепт за растурање на Македонија
Натаму, покрај другото во политичката анализа се истакнува: Не се функционални држави ниту Белгија, ниту Северна Ирска. Белгија со години не може да формира влада. Главната причина зошто институциите на ЕУ се сместени таму, во Брисел, е затоа што преку Европа се чува Белгија од распаѓање. Моделот на Северна Ирска е уште посложен и целосно неприменлив во Македонија, бидејќи не соодветствува со реалноста на терен. Веќе долго време постои конфликт помеѓу протестантските христијани на Северна Ирска и католичкото малцинство. Протестантите сакаат Северна Ирска да остане во унија со Велика Британија, а католиците сакаат Северна Ирска да се обедини со Република Ирска. Судирот стои замрзнат. Управата над Северна Ирска ја држи Англија како Обединето Кралство.
Двата модела, на кои работи експертот ангажиран од ДУИ, се во насока како да се направи Македонија уште повеќе нефункционална држава, да се подели на региони и провинции со повеќе службени јазици, да се одземат централните ингеренции во тие области и да се овозможи целосно разбивање на унитарниот карактер на државата, по што многу полесно ќе се спроведе референдум, заради одвојување државни територии и нивно здружување со соседни држави.
Сите постапки, што ги преземаше поранешниот шеф на дипломатијата од ДУИ, беа во насока на реализација на плановите, на кои сега работи Вилијамс, кого ДУИ го користи како параван за своите вистински намери – поделба на државата. Првиот чекор беше промената на уставното име на земјата, за што ДУИ постојано притискаше и преземаше чекори и на своја рака, правејќи тајни состаноци со поранешното грчко раководство, со што широко се отворија вратите за бришење на македонскиот идентитет и негова замена со терминот граѓани.
Потоа на ред дојде дипломатската офанзива на бившиот шеф на дипломатијата од редовите на ДУИ во Бугарија, каде што повторно под нетранспарентен процес се преговараше со Бугарите за отстранување на бугарската блокада, за да се појави „француски предлог“, во кој беа содржани сите бугарски барања и кој, благодарение токму на заканите на ДУИ дека ќе ја напушти владејачката коалиција, беше прифатен од владата. Со тоа земјата сега е ставена во подредена улога кон Бугарија, која го контролира секој нејзин чекор.
Поранешниот министер за надворешни работи не се одѕва на апелите на македонското малцинство во Албанија дека пред и за време на пописот бугарски емисари крстосуваат и ги поткупуваат и ги уценуваат припадниците на македонското малцинство во оваа земја да се попишат како Бугари. Тој не мрдна со малиот прст да ги спречи таквите активности. Ако се избрише македонското малцинство во Албанија и Косово, тогаш поделбата на Македонија врз основа на моделите, што ги нуди ДУИ, води кон поделба на земјата врз основа на границата од Втората светска војна, според која соседна држава на Бугарија е Албанија и логично е таму да има бугарско, а не македонско малцинство.
Тука треба да се бараат причините за постојаното инсистирање за уставните измени од албанска страна, бидејќи ако се реализира оваа идеја, тогаш подоцна лесно ќе се активираат бугарските државјанства издадени на македонските граѓани и на тој начин во земјава ќе се создаде сериозна бугарска заедница на сметка на Македонците, исто онака како што тоа беше направено на пописот во Албанија.
Модели за растурање на државата
Некои од аналитичарите, со кои се консултиравме, сметаат дека моделите, на кои работи американскиот експерт, се по нарачка и насоки, што му ги дала ДУИ, заради полесна дезинтеграција на земјата во следниот период. „Ако треба за пример да се земаат Белгија и Северна Ирска, тоа значи дека намерата е во прв момент Македонија да стане целосно нефункционална држава, блокирана институционално, поделена по секоја основа, за да уследи на крајот референдумско изјаснување за отцепување одделни региони и припојување кон други држави. САД засега не се огласија околу овие идеи, така што прашање е дали унитарниот карактер на државата уште е во игра, или се остава времето полека да го редефинира во некаков поинаков карактер на државата.“ – посочуваат некои од аналитичарите.
Според нив, „ова што сега го предлагаат од Мала Речица е официјализација на освојувањето територии, проект што го започнаа во 2001 година“. „По судирот во 2001 година и новата територијална поделба, сите територии, што од ДУИ ги сметаат како „воен плен“ ги означија со албански државни знамиња, го официјализираа албанскиот јазик, целосно ја исклучија централната власт од контрола во тие општини, таму не се наплаќаат даноци, нема фискализација, масовно се градат споменици, тие области во најголем дел функционираат како држава во држава. За тоа дека процесот е веќе тргнат говорат и постапките на челниците на ДУИ, што беа на високи раководни места во државата. Ако го погледнеме однесувањето на ДУИ кон промената на името на државата, кон францускиот предлог, ќе ни стане јасно дека за нив приоритет се исклучиво интересите на Албанците и не ги интересира ништо друго. Тие говорат за етнички изборни победници, не за победници на ниво на цела држава. Сега ангажираат и американски експерт да им подготви модел, што е модел за поделба на државата, а не за средување на состојбите.“ – посочуваат аналитичарите.
Молк на меѓународната заедница
Меѓународната заедница постојано реагира за многу побанални работи и упатува отворени пораки како некој да се постави кон одредено прашање. Но таа сега целосно молчи. „Зачудува молкот на меѓународниот чинител, кој можеше да јасно да порача дека го поддржува унитарниот карактер на државата и оти се противи на какви било нови внатрешни преуредувања, што би можеле да ја нарушат внатрешната стабилност. Во услови кога има безбедносни превирања на европско тло, несериозно е да се работи на дестабилизирање на државата одвнатре. Да се огласеше некоја друга партија со ваков, или сличен предлог за преуредување, веројатно многу брзо ќе стигнеа реакции од страна. Но ДУИ е сѐ уште нивно галениче, кое го оставаат да прави што сака. Намерата на ДУИ е ја растури државата. Клучно е државата да опстои на идејата за унитарност, да не подлегнува на никакви притисоци и уцени. Македонскиот модел во минатото покажал дека е многу пофункционален и поефикасен од кој било друг, затоа нема причина да увезуваме туѓи нефункционални модели.“ – заклучуваат соговорниците.





