Израел уби илјадници Палестинци во Газа со тоа што им оневозможува пристап до вода за пиење, се наведува во извештајот на „Хјуман рајтс воч“, пренесува „Ројтерс“.
Според организацијата, ова е еднакво на геноцид и истребување.
„Оваа политика, наметната како дел од масовното убивање на палестинските цивили во Газа, значи дека израелските власти извршија истребување – злосторство против човештвото кое продолжува“, се истакнува во извештајот.
Израел постојано ги отфрла сите обвинувања за геноцид и тврди дека се придржува до меѓународното право и има право да се брани по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, кој ја предизвика војната.
На социјалната мрежа Х, израелското Министерство за надворешни работи напиша: „Вистината е целосна спротивност на лагите на Хјуман рајтс воч“.
„Од почетокот на војната, Израел го олесни континуираниот проток на вода и хуманитарна помош во Газа, и покрај тоа што работи под постојани напади на терористичката организација Хамас“, соопшти Министерството.
Лама Факих, директор на Хјуман рајтс воч за Блискиот Исток, изјави:„Откривме дека израелската влада намерно ги убива Палестинците во Газа со тоа што им ги лишува од вода што им е потребна за да преживеат“.
Во рок од еден месец, Хјуман рајтс воч е втората голема организација за човекови права која го употреби зборот „геноцид“ за да ги опише израелските дејствија во Газа, откако претходниот извештај на Амнести интернешнал, исто така, заклучи дека Израел врши геноцид.
Двата извештаи беа објавени само неколку недели откако Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен шеф на одбраната за наводни воени злосторства и злосторства против човештвото.
Израел ги негира обвинувањата.






