За два дена поскапуваат прехранбените производи. Мерката гарантирани цени завршува. Лебот, млекото, сирењето, јајцата, тестенините, пилешкото, меленото месо, овошјето и зеленчукот се дел од производите кои од март ќе се продаваат по пазарни цени. Експертите велат ефектите од мерката ги почуствуваа сите, но најмногу ќар видоа богатите, чиј буџет дозволува да платат повеќе. Сега е време за таргетирани мерки, но и надлежните да излезат на терен и да спречат антимонополско здружување на трговците.
Економистите сметаат дека мерката требаше да биде продолжена, затоа што сега цените повторно ќе пораснат и тоа ќе предизвика дополнително осиромашување на граѓаните.

- Со укинување на мерката гарантирани цени се очекува пораст на основните прехранбени производи. Сметам дека сега не е прав момент за да се укине оваа мерка. Требаше да останат замрзнати додека не завршат изборите. Од друга страна, сега кога луѓето немаат пасоши ускратено им е и правото да одат во соседните земји да пазарат поевтино. Со тоа што им е ограничено правото на слободно движење граѓаните се на некој начин оштетени и не можат да одат во Србија, Грција да купат поевтина храна, вели за весникот ВЕЧЕР, Маријана Лончар-Велкова.
И економистите сметаат дека мерката требаше да биде продолжена, затоа што сега цените повторно ќе пораснат и тоа ќе предизвика дополнително осиромашување на граѓаните.

- Владата не знае што прави. Одлуката да се укинат ограничувањата е апсолутно погрешна и несомнено ќе доведе до поскапувања, што ќе ги погоди граѓаните. Ова го прават на крајот на нивниот мандат, што исто така е многу погрешно. Оваа одлука треба да се препушти на новата влада, не на оваа техничка. Со одлукава владата праќа и многу силна симболична порака, дека граѓаните не ѝ се важни. Дека на прво место им се нивните лични интереси, што се гледа и по тоа што повторно најавуваат дека ќе пораснат платите на функционерите, изјави за весникот ВЕЧЕР, Бранимир Јовановиќ економски аналитичар.
Наспроти новиот раст на цените, Синдикатот пресмета дека на едно семејство месечно му се потребни скоро 1.000 евра за да го помине месецот.





