Холандија со дански ветер во грбот ја победи Македонија

„ИХФ мафија“ скандираа македонските навивачи по натпреварот со Холандија во Вараждин, бесни на данските судии Мадс Хансен и Јеспер Мадсен, гледајќи во нив една од причините за поразот од 37:32 во второто коло од групата Д на 29. Светско првенство за ракометари.



Дванаесетте пенали за Холанѓаните, од кои 9 (!) во второто полувреме, наспроти само петте за „црвено-жолтите“, двата црвени картони, 14. минути со играч помалку, „вечниот“ холандски напад кога му дадоа жолт картон на Лазаров место да свират пасивен, исклучувањето на Жарко Пешевски во напад откако прво тој беше влечен од противникот во финишот, ја прелеаја чашата кај „фалангата“, па полетаа и предмети на теренот.

Покрај арбитражата, за чудниот карактер на второто мундијалско соочување со „лалињата“ придонесува и реализацијата од 84 проценти наспроти 15. загубени топки од избраниците на селекторот Кирил Лазаров, како и сењдумте одбрани на Никола Митревски во споредба со двојно помалку од двајцата холандски голмани.

За разлика од СП 2023, кога загуби со 34:24, овојпат Македонија од почетокот до завршницата на средбата се носеше со незгодниот ривал, а во првата третина од мечот и водеше, пред да дозволи серија од 5:0 на противникот, по што беше принудена да брка негатива до крајот.

Капитенот Филип Кузмановски на десетката од стартното реми со Унгарија додаде 9 гола од 10 удари, погодувајќи во сите пет обиди од 9 метри, а десниот бек Мартин Серафимов заврши со ефект 6/8.

В недела од 18 часот е последниот настап во прелиминарната фаза против дебитантот Гвинеја, во кој ќе се брка прва победа и пласман во групата од вториот круг.