Холандија без четвртфинале, иако и во ремито со Австрија ѝ судеа Хансен и Мадсен

Ракометната репрезентација на Холандија одигра само нерешено 37:37 со Австрија и остана без четвртфинале на 29. Светко првенство во натпреварот од последното коло во главната фаза, во кој повторно ѝ судеа Данците Мадс Хансен и Јеспер Мадсен, кои ѝ помогнаа против Македонија во прелиминарниот сегмент во Вараждин.



Холанѓаните со пет бода се израмнија со второпласираната Унгарија, која и со пораз од отпишаниот Катар ќе биде пред нив поради победата во меѓусебниот дуел.

Зависно од резултатот на унгарско-катарската пресметка во моментов, за пласманот меѓу најдобрите осум селекции на планетата може да решава и завршниот дуел во групата од 20:30 часот, во кој Македонија, која има четири бода, ќе брка историски триумф против сигурниот четвртфиналист Франција и прво доближување до борбата за медали.