Химната на Албанија во изминатите години веќе била интонирана во училишта и универзитети во Македонија

Пишува: Свето Тоевски



На 3 декември 2024 година Владата на Република Македонија поднесе предлог-закон за средното образование за усвојување во Собранието. Во став 3 на член 54 од овој предлог-закон се наведува: „Културни активности: прослава на денот на средното училиште (патронат), на почетокот и на крајот на наставната година и завршувањето на средното образование започнуваат со интонирање на државната химна, за што одлучува основачот.“ Оттогаш уследија серија силни реакции не само од албанските партии, туку и во медиумите на албански јазик, како и од страна на интелектуалци-Албанци.

Крилото на Зијадин Села во Алијансата за Албанците се огласи со остар став, тврдејќи дека, наводно, „предлогот да се наметне македонската химна во средните училишта е „реваншизам на Владата против неукинувањето на албанскиот јазик од страна на Уставниот суд“. „Ова е политика на еднонационалната влада за сузбивање на албанскиот идентитет и за наметнување  агресивен македонски национализам. Химната не ја отсликува мултиетничката реалност и кохезијата меѓу етничките заедници во земјава, туку таа е повеќе етничка македонска химна отколку национална. Со овој предлог на Владата нема да се постигне ниту зближување меѓу заедниците, ниту лојалност кон државата, туку напротив ќе се продлабочи јазот меѓу етничките заедници во државата. ВМРО-ДПМНЕ се стреми да ја деалбанизира државата, бидејќи тоа отворено го кажаа во кампањата дека „Македонија ќе им ја вратиме на Македонците.“ – имаше објавено АА на Села во својата реакција.

Во свој редакциски коментар со наслов „Новата влада да не отвора стари проблеми: или да се промени химната, или воопшто да не се интонира!“ информативната агенција на албански јазик „Журнал“ напиша дека „воопшто не им служат на мирот и стабилноста во државата катастрофалните изјави на министерката за образование Весна Јаневска дека УЧК не претставува ништо во историјата на оваа држава и одлуката да се интонира македонската химна во училиштата во земјава“. „Ако прашањето за химната стане официјално во целата држава, тогаш ќе мора и албанската химна  да се пее во секое албанско училиште, но и не само во општините со албанско мнозинство. Бидејќи има многу општини, во кои Албанците не се мнозинство, но имаат голем број албански училишта, па ќе мора да се задоволат потребите на Албанците. Во тој контекст каде и да се учи албански ќе мора да се интонира и албанската химна.“ – нагласи „Журнал“ во редакцискиот коментар.

Химнaта на Република Албанија „Околу знамето обединети“

Тетовскиот градоначалник и лидер на Беса Билал Касами, но и не само тој, уште од лани бара да се интонира и албанската химна во училиштата со ученици-Албанци, напоредно со македонската државна химна, а во некои од училиштата со ученици-Албанци веќе беа одржани, по повод 28 ноември, националниот празник на Албанија, претстави со деца со пластични пушки во рацете и облечени во униформи на УЧК. Во функција на поцелосно информирање на јавноста, го пренесуваме од информативните агенции македонскиот превод на изворниот текст на националната химна на Република Албанија „Околу знамето обединети“:

„Околу знамето обединети / со една желба и една цел/ сите кон него заколнати / да ја поврземе својата беса (збор) за спас / . Од војна бега / тој што е роден како предавник / кој е маж не се плаши / туку умира, умира како маченик! / . Ние оружје во рака ќе држиме / да ја одбраниме татковината на секој агол / ние не ги даваме, не ги споделуваме нашите права . на непријателите не им е место овде! / Самиот Господ рекол со својата уста / дека народите гинат над својата земја / Да, Албанија ќе живее / За тоа, за тоа ќе се бориме ние! / О, знаме, свето, свето / ти се колнеме на тебе овде / За Албанија, татковината света, / за честа и славата твоја. /Како смел маж се нарекува и се чествува оној / кој се жртвува за татковината / засекогаш тој ќе биде споменуван / над земјата и под земјата како светец!“

Во „Службениот весник“ на Република Албанија број 48 од 10.8.2002 година е објавен Законот за националното знаме, националната химна и националниот грб, во кој во точка 2 се укажува дека се тие „национални симболи“. Поодделно околу албанската химна во точка 5 стои: „Национална химна на Република Албанија е ‘Околу знамето обединети“. Во став 3 од точка  6 на овој закон, поврзано со користењето на албанската национална химна, стои: Кога се интерпретира националната химна се стои исправено со нозете поврзани една до друга“. На територијата на Албанија не се можни случаи на исполнување химна на која било друга држава во училишта со ученици од друга етничка припадност, ниту македонска, ниту која било друга химна: Албанија е држава устроена и која функционира според меѓународно широкиот принцип држава-нација, односно како национална држава на албанскиот народ и оттука на територијата на таа држава е важечка само албанската химна и никоја друга химна на која било држава. Во Албанија химни на други држави можат да се интерпретираат само во законски строго определени протоколарни случаи.

Од друга страна, интонирања албанска химна по разни поводи, на пример почеток на новата академска  година на државниот тетовски Универзитет, но и почеток на учебна година во одделни основни училишта во Република Македонија веќе имало понекогаш во изминатиот период од 2012 година досега, како што покажува увид во новинарски извештаи, а можеби и пред тоа. Уште од 2012 година Сафет Незири, како тогашен заменик-министер за образование и наука, има кажано дека „ваквата практика на отпочнување на учебните години е сосема нормална и не треба да се проблематизираа.

„Не се работи за химна на странска држава, туку за химна на знамето на Aлбанците, кои имаат свој статус во Македонија. Со интонирањето на химната не сакаме никого да провоцираме ниту да омаловажиме. Со интонирање на химната на Албанците и претходно сме започнувале церемонии во средини, каде што живеат Албанци.“ – има кажано уште во таа 2012 година Сафет Незири како тогашен втор човек на македонското образование, во истата година кога и почетокот на учебната година во основното училиште во Џепчиште, Тетовско бил проследен со интонирање на химната на Албанија.

Со други зборови кажано, во 2023 година, но и денес во 2024 година од албанскиот етникум и од нивните политички претставници се искажува барање за нешто, кое веќе се практикува во одредени случаи во основни училишта и во универзитетите во Македонија. Не е познато дали имало случаи на исполнување македонска државна химна пред македонски ученици во училишта на територијата на Албанија, во подрачја каде што живеат и учат.

Обиди да се промени химната на Албанија, но со дополнително нагласување на белезите на албанскиот народ

Имајќи ги предвид зачестените барања за промена на македонската химната на Република Македонија се осврнуваме и на тамошни барања за промена на химната на Република Албанија, што датира уште од 1937 година неколку пати досега, но станувало збор за настојувања за делумна, или целосна промена во нотно-музичкиот, или текстуален дел, исклучиво заради дополнително нагласување на белезите на албанскиот народ, без вметнувања етнички карактеристики на кој било друг народ., што е и најнормално, оти се работи за албанска национална, етничка химна.

Во обемната анализа на Васил Толе, композитор и етномузиколог од Албанија, во врска со  карактеристиките на албанската национална химна, објавена пред три години во информативниот портал на албански јазик „Телеграфи“, се истакнува дека во изминатите децении имало барем неколку обиди да се дополни оваа химна, или таа да се замени со нова, но исклучиво само врз основа на настојувања да се нагласат дополнително националните белези и животот на Албанците како народ во Балканот.

„Албанската химна ‘Околу знамето обединети’ е наша официјална песна за особеностите на нашиот народ, поделен во четири држави, таа е чинител на национално обединување и на уривање на вештачките граници, Ниедна одлука од кој било уметнички, или државен форум, не влијаела врз замената, или промената на постојната Химна на знамето’, бидејќи е длабоко вградена во колективната меморија на Албанците.“ – нагласува албанскиот композитор и етномузиколог Толе во завршниот дел на својата анализа.