Харадинај по средбата со Ахмети: Косово ги поддржува легитимните барања на албанските браќа за употребата на албанскиот јазик!

„Албанците во * Македонија се чинителот-одредувач, врз кој се развиваат односите меѓу Косово и * Македонија. Косово секогаш ќе ги поддржува нашите албански браќа во нивните легитимни барања за заштита и унапредување на правата, вклучително и употребата на албанскиот јазик во Република * Македонија“ – со овој став, но и порака се огласи денес Рамуш Харадинај, поранешниот косовски премиер и сегашен лидер на Партијата Алијанса за иднината на Косово, по денешната средба со лидерот на ДУИ Али Ахмети во Приштина, во Косово. Објавата на Харадинај на фејсбук ја пренесоа ТВ 21 и други медиуми на албански јазик во Македонија и Балканот. Се уште не е јасно зошто се решил Ахмети да за мине во Косово на средба токму со Рамуш Харадинај, еден од главните команданти на поранешната косовска УЧК познат под „воениот прекар“ „Командант Змија“, да добие токму од него поддршка за „легитимните барања за заштита и унапредување на правата, вклучително и употребата на албанскиот јазик во * Македонија“. На 5.1.2017 година информативниот портал „Фактор“ има напишано: „Рамуш Харадинај во 1998 година станал еден од регионалните команданти на УЧК. Властите во Белград го обвинија дека е одговорен за многу злосторства над Србите во Косово. Ја формирал партијата Алијанса за иднината на Косово во 2000 година. По судењето во Хашкиот трибунал во 2005 година Харадинај бил ослободен од обвиненијата против него за извршени воени злосторства против српски и други цивили во Косово.“



Денес по средбата со Али Ахмети на општествената мрежа Рамуш Харадинај напиша: „Али Ахмети е една од најпочитуваните албански личности. Неговиот придонес во сите процеси низ кои поминале Албанците на Балканот, барем во последните 30 години, е исклучителен.  Ми беше задоволство што имав денес братски разговор со Ахмети за предизвиците низ кои минуваат нашите земји. Соработката на Косово со * Македонија треба да биде приоритет во нашите односи, а Албанците во * Македонија се чинителот-одредувач, врз кој се развиваат овие односи. Косово секогаш ќе ги поддржува нашите албански браќа во нивните легитимни барања за заштита и унапредување на правата, вклучително и употребата на албанскиот јазик во Република * Македонија.“