Во интервју за австрискиот весник „Винер Цајтунг“, еврокомесарот Јохаен Хан вели дека во првата половина на 2018 година очекува да се најде политичко решение со Грција кое ќе овознможи отворање на преговорите со Македонија за членство во ЕУ.
„Имаме „прозорец на можности“ до средината на следната година кога почнува изборната кампања во Грција. Се повеќе се сфаќа потребата дека политичко решение мора да се најде, вели Хан.
Според комесарот за проширување и добрососедска политика во ЕУ „односите меѓу Грција и ПЈРМ се многу подобрени, благодарение на активните напори на новата влада во Скопје“ и додаде дека и во Атина има волја за изнаоѓање политичко решение.
Хан оценува дека и државите членки на ЕУ сега сфаќаат дека земјите од Западен Балкан мора да имаат јасна перспектива за евроинтеграција за да се обезбеди долгорочна стабилност во регионот.
Европската комисија досега даде девет препораки за почеток на преговорите со Македонија.





