Комесарот на Европска унија за добрососедска политика и за проширување Јоханес Хан ги оцени како позитивни политичките промени во Македонија и изрази надеж за скорешно надминување на разликите за името со Грција.
„Политичките промени во земјата се позитивни, тие го променија контекстот, имаме нови актери, нов менталитет. Се надевам дека од грчка страна ќе има разбирање и посветеност за решавање на прашањето за името. Во секој случај, мора да постои компромис што ги фаворизира двете страни“, рече Хан во говорот на тема „Европската перспектива на Западен Балкан: предизвици и перспективи“ на настанот во Атина организиран од Грчка фондација за европска и надворешна политика (ЕЛИАМЕП).
Еврокомесарот ја опиша 2018 година како клучна за „рестартирање на процесот на проширување“, ја повтори најавата дека Европска комисија во февруари ќе објави стратегија за Западен Балкан, но и нагласи дека во иднина повеќе внимание ќе посветат на квалитетот, а не на квантитетот и на времето на интеграцијата во ЕУ.
„На лидерите што ги среќавам им објаснувам дека ЕУ не е банкомат, туку збор на вредности и усогласувањето со нив е подготовка за економски раст и стабилност“, додаде тој.





