Франција преку пенали до полуфиналето, Португалија и Роналдо неутешни

Среќата беше на страната на фудбалската репрезентација на Франција и против Португалија, која ја елиминира со 5:3 на пенали во четвртфиналето на Европското првенство во Германија, и тоа благодарејќи на тоа што ударот на Жоао Феликс заврши во десниот дирек од голот на Мењон!



Сите останати изведувачи на ударите од белата точка од двете селекции погодија по 120-минутната рововска битка во Хамбург во која не падна гол, па несреќниот резервист на Португалците излезе решавачки за пласманот на Французите во полуфиналето, каде што ѝ одат на мегдан на Шпанија.

Ни во својот петти натпревар на ова ЕП „триколорите“ не дадоа гол од игра со свој стрелец, останувајќи на автоголовите со кои славеа против Австрија во групата и со Белгија во осминафиналето, како и реализираниот пенал од Мбапе против Полска, а со Холандија во групата ремизираа без погодоци како и сега со Португалија.

Како и со Словенија во осминафиналето, Кристијано Роналдо успешно го изведе првиот од серијата пенали, но тоа е слаба утеха за еден од најдобрите светски фудбалери во историјата и за Португалија, кои си одат дома порано од посакуваното.