Приштина не ги исполнува барањата на меѓународната заедница за членство во Советот на Европа, бидејќи „никаков чекор не бил преземен кон формирањето на Заедницата на српските општини (ЗСО)“, му порачаа Франција, Германија и Италија со писмо до косовскиот премиер, Албин Курти.



Писмото од Париз, Берлин и Рим е одговор на писмото што Курти го испрати претходно, во кое ги наведува своите предлози поврзани со формирањето на ЗСО и членството на Приштина во Советот на Европа.

„За жал, чекорите што ги предлагате не ја решаваат итната потреба од конкретни чекори кон формирање на Заедница на општини со српско мнозинство и ризикуваат дополнително да го поткопаат дијалогот што го води Европската Унија“, се вели во писмото објавено од Албаниан пост.

Во писмото се посочува и дека нацрт-статутот, кој го презентираше специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, не е „џентлменски предлог“, туку „цврст модел“ за тоа како треба да изгледа ЗСО.