Франција испратила демарш до земјите-членки на Советот на Европа со барање за одложување на одлуката за прием на Косово во Советот на Европа поради неисполнување на обврската за формирање на Заедницата на српските општини, објави порталот „Албаниан пост“, повикувајќи се на дипломатски извори.
Денеска во Стразбур треба да се одржи последниот состанок на амбасадорите пред состанокот на министрите, кои на 16 и 17 мај треба да ја донесат конечната одлука за прием на Косово во оваа меѓународна организација, пренесува Макфакс
Албаниан пост наведува дека според нивните сознанија, амбасадорите на земјите членки на Советот на Европа нема да го стават прашањето за членството на Косово на дневен ред на мајскиот министерски состанок.
Агенцијата „Бета“ во понеделникот објави дека објавената агенда на состанокот на Комитетот на министри на Советот на Европа, што ќе се одржи на 16 и 17 мај, укажува дека нема да се донесе одлука за Косово.
Франција, Германија и Италија веќе се на мислење дека членството на Косово во Советот на Европа може да се одложи до моментот кога Владата на Косово ќе ја докаже својата посветеност на имплементацијата на Асоцијацијата со испраќање нацрт до Уставниот суд“, објави „Албаниан пост“.





