Бојан Миовски се врати по повредите што го оддалечија од фудбалските терени 2,5 месеца, одигрувајќи ги последните 16 минути за Жирона против Реал Мадрид пред 74.028 гледачи на „Сантјаго Бернабеу“ во 25. коло од шпанската Ла лига.
Напаѓачот на Каталонците и на репрезентацијата на Македонија формално се врати минатото коло дома со Хетафе, кога влезе во последната минута, за овојпат да има малку повеќе време за игра во натпреварот со кралскиот клуб, последниот против кој настапи пред повредата на глуждот на 9 декември.
„Разочаран од резултатот, но среќен што се вратив на теренот по повредата“, порача 25-годишниот штипјанец, кој во првата сезона од четиригодишниот договор со Жирона досега постигна четири гола, од кои два во Ла Лига и уште два во Купот на кралот.







