Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, е шокиран од фактот дека Доналд Трамп победи на претседателските избори во САД, бидејќи се плаши од крајот на украинскиот конфликт, изјави премиерот на Словачка, Роберт Фицо.
„Со сопствени очи го видов Зеленски на прес-конференција во Будимпешта. Дали некогаш сте виделе човек кој се плаши дека војната ќе заврши? Јас го видов, го викаат Зеленски. Претседателот Зеленски е шокиран од фактот дека Трамп победи и дека американската помош може да биде суспендирана“ рече Фицо.
Според него, главната причина за стравот на Зеленски е тоа што тој моментално нема политички мандат, а Украина во моментов смета на огромни финансиски заеми.
„Новиот американски претседател даде многу силно предизборно ветување дека може да ја заврши војната во Украина за 24 часа. Таквото ветување во голема мера го сметам за предизборно, бидејќи всушност завршувањето на војната за 24 часа е многу комплицирано“, додаде словачкиот премиер.
Сепак, според Фицо, Трамп сака да покаже одреден резултат во овој поглед.
„Може ли Трамп да му пријде на Путин и да му каже: ‘Претседателе, ако сега не ја завршиш војната во Украина, ќе те бомбардираме со нуклеарни бомби’? Не може, па останува единственото друго решение. А тоа е да се намали поддршката за Украина“, заклучи Фицо.






