Предлог Буџетот за 2025 година е првиот буџет што оваа Влада го предлага, и токму во него граѓаните очекуваа политики кои ќе донесат подобар живот и економски развој. Но, наместо тоа, добивме документ без визија и креативност, кој е нереален, неразвоен и недомаќински, со цел да ги задоволи само предизборните активности. Овој буџет ќе биде генератор на нови долгови и уште една изгубена година за економијата и за граѓаните, истакна на денешната прес-конференција претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
„Овој буџет, како што е предложен, е скроен да ги задоволи потребите на власта, а не на граѓаните. Со раст на БДП од 3,7% што Владата го предвидува, а кој нема шанси да биде постигнат, овој буџет е уште еден обид за замајување на јавноста“, рече Филипче.
„Со ваков пристап само го оптоваруваме буџетот, што на крајот ќе значи зголемени даноци или кратења на јавните услуги за граѓаните“, додаде тој.
Дополнително, Филипче остро ја критикуваше Владата за зголемување на непродуктивните трошоци и кратење на капиталните инвестиции во клучни сектори како здравство и образование.
„Ова е буџет што ги запоставува малите и средни претпријатија, кои сочинуваат околу 80% од работните места во земјата. Од 80 милиони денари, поддршката за МСП е намалена на само 18 милиони денари. Владата со ова јасно покажува дека ги фаворизира странските инвестиции на сметка на домашната економија“, додаде тој.
Филипче истакна дека СДСМ нема да гласа за ваков буџет и дека поднесе 200 амандмани кои целат кон подобрување на клучните фискални политики. „Преку овие амандмани, ние предлагаме зголемување на платите во јавниот сектор, посебно во образованието, полицијата и за пожарникарите, како и инвестиции во напредни технолошки средства за подобрување на безбедноста на граѓаните,“ истакна тој.
Според амандманите, СДСМ предлага одвојување на 3.500.000.000 денари од Буџетот за следната година за зголемување на платите во јавниот сектор. Со амандман којшто се однесува на образованието, СДСМ предлага издвојување на 996.406.000 денари за зголемување на платите на наставниците од основно и средно образование. Во полицијата, со амандман СДСМ предлага покачување на платите од 20%, додека, пак, за платите на пожарникарите да се издвојат 1.000.000.000 денари во Буџетот за 2025 година.
Филипче посочи и на амандманите за здравство, кои се насочени кон подобрување на медицинската инфраструктура и услуги, како и инвестиции во нова опрема и обука на медицинскиот персонал. Дополнително, амандманите во делот на енергетика и животна средина се насочени кон еколошки и одржлив развој, вклучувајќи субвенции за електрични возила и поддршка за проекти за производство на водород.
„Нашите амандмани ќе придонесат за рамномерен и одржлив развој и ќе ја поттикнат македонската економија кон вистински напредок. Веруваме дека ова е буџет што може да одговори на реалните потреби на граѓаните, но само со конструктивни измени и зголемени капитални инвестиции,“ заклучи Филипче.






