„Обвинителот на ДУИ Ислам Абази, побарал условна казна од 1 година за другиот обвинител на ДУИ Иџет Мемети, кој беше фатен додека прима поткуп од 10 илјади евра, за да влијае на намалување на казната на политичар обвинет за трговија со дрога. Потребни се коренити реформи, кога ќе нема повеќе место за обвинители од ваков тип, корумпирани и под наредби на политиката и наркокартелите.“ – изреагира преку својот фејсбук-профил вицепремиерот за добри политики и добро владеење Арбен Фетаи во врска со последната одлука на Обвинителството, кога беше соопштено дека Иџет Мемети ќе биде осуден само на на условна казна од една година. Реакцијата на вицепремиерот Фетаи ја пренесе ТВ 21. Инаку, Ислам Абази е шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, а Иџет Мемети е член на Советот за јавни обвинители.
Покрај другото, во својата објава Фетаи натаму пишува: „Било побарано и против Мемети божем да има привремена забрана за вршење на професијата, сигурно да нема можност да прима поткуп извесно време. Недостасува само уште писмено предупредување, придружено со наредба за самокритика.“
„Затоа сме во ситуација кога само 2 отсто од граѓаните веруваат во правосудниот систем. Обвинителството и судството имаат потреба за коренити реформи, проверка (ветинг) и нов почеток, кога ќе нема повеќе место за обвинители од ваков тип, корумпирани и под наредби на политиката и наркокартелите.“





