По поднесена кривична пријава од Министерството за внатрешни работи против едно лице, Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против осомничениот за кривично дело – убиство.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.
Вториот приведен по извршени проверки и распит во полиција е ослободен.
Третоосомничениот е сеуште во бегство.
Осомничениот, на 20 август, со пиштол марка „ГЛОК“ со калибар 9 милиметри, што го поседувал без дозвола, на паркинг просторот на улицата Филип Втори Македонски во Скопје, позади ТЦ „Мавровка“, со умисла и од користољубие лишил од живот едно лице, по што од сопругата на жртвата одзел торба со лаптоп и избегал со автомобил „ауди“ без регистарски ознаки, пренесува Плусинфо.
На местото пристигнало и второ возило „цитроен“ со белгиски регистарски ознаки, од кое излегло засега непознато лице и од багажникот на автомобилот на жртвата одзело гајба со рачен алат и исто така се оддалечило.
Вториот осомничен го оставил автомобилот „цитроен“ во Гази Баба и се качил во автомобилот „ауди“, по што двете лица продолжиле да се движат, но на улицата Стојна Стефкова биле пресретнати од полициски службеници.
Додека другото лице управувало, сега осомничениот излегол од совозачката врата и пукал, обидувајќи се да ги лиши од живот полицајците кои сакале да го запрат. Четворицата полициски службеници во самоодбрана испукале неколку предупредувачки проектили во воздух со службеното оружје, па го совладале и привеле осомничениот.





