Какво наследство остави Бојан Миовски во Абердин, каде што во минатите две сезони блескаше во дресот на некогашниот шампион на Шкотска, за неодамна со солзи во очите да напушти „Питодри“, зборува масовната поддршка од навивачите на „донси“ на социјалните мрежи за негово успешно деби за Жирона утревечер кај Атлетико Мадрид.
„Растури ги Бојан!“, „среќно Бојан“, „сè најдобро Бојан“, „покажи им, засекогаш сакан од Абердин“ се само дел од пораките до македонскиот напаѓач под неговата објава на Твитер со фотографија од тренингот на својот нов тим.
Најпријатното изненадување во шпанската Ла Лига минатата сезона, во која го освои третото место и избори пласман во групите од Лигата на шампионите, стартуваше со реми 1:1 кај Бетис, а за штипјанецот медиумите во Шпанија очекуваат првпат да го облече дресот со бројот 19, но да не игра сите 90 минути во мечот од 21:30 часот.
Миовски, кој во две сезони постигна 32 гола на 77 настапи за Абердин, дојде во Жирона за 8,5 милиони евра, што е клупски рекорд на неговиот донеодамнешен клуб.







