„Првиот вицепремиер на Македонија Изет Меџити вели дека во недела, на 9 февруари 2025 година со срцето за Косово ќе се ветвендосува („новоизмислен глагол“ во македонскиот јазик, изведен од името на партијата Ветвендосје – Самоопределување на Албин Курти, со конкретно значење гласање за оваа партија – заб.прев.)!“ – објави Изет Меџити на фејсбук-профилот. Објавата ја пренесе и информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА. Меџити, како лидер на партијата Демократско движење и еден од лидерите на коалицијата Вреди, заедно со Арбен Таравари од Алијансата за Албанците и Фатмир Лимани, потпретседател на Беса, во име на коалицијата Вреди се вклучија во предизборната кампања во Косово во корист на се уште актуелниот премиер Албин Курти и неговата партија Ветвендосје. Во контекст на ова е и најновиот повик преку фејсбук на Меџити до Албанците од Косово да гласаат директно за Курти и Ветвендосје на косовските парламентарни избори, кои ќе се одржат утре, на 9 февруари 2025 година. Во предизборната кампања за косовските избори синоќа од собирот на ДУИ во скопско Студеничани се огласи и Али Ахмети, но речиси со директна поддршка за косовската опозиција и со остар напад кон Албин Курти и неговото Ветвендосје!
Во веста ИНА истакнува: „На својот фејсбук-профил Изет Меџити упати порака: ‘Да се гласа за Ветвендосје заради Републиката како дом на народот, заради територијата интегрирана на секој агол, заради партнерството како принцип, заради еднаквоста и достоинството. Во недела да се ветвендосува со срце за Косово!“
Од друга страна, информирајќи за синоќешниот настап на лидерот на ДУИ Али Ахмети на собирот во скопското село Студеничани, ТВ 21 објави: „Лидерот на ДУИ му упати порака на народот на Косово: Излезете, гласајте на 9 февруари и одлучете – ќе одите кон Европа, или ќе останете со Русија?“.
Во својата информација натаму ТВ 21 наведува: „Премиерот на Косово (Албин Курти) не направи најдобро со интервенирањето во * Македонија и со задоволството, кое им го овозможи на противалбанците во * Македонија. Премиерот на Косово интервенираше за албанскиот јазик во * Македонија. Неговата интервенција беше неоснована. Беше толку понижувачки, што ме згрози како да сум ги чул најголемите противалбанци да велат: ‘Кажува и премиерот на Косово вели дека албанскиот јазик не е официјален во Македонија. Но, албанскиот јазик е сепак официјален.’ – рече Ахмети синоќа во Студеничани.“
„Во врска со утрешните избори во Косово, на 9 февруари 2025 година, Ахмети упати до неговите соборци од косовската УЧК, до косовските патриоти да излезат на гласање и да се одлучи: дали сакаат Косово да биде во сојуз со Европа, Америка и НАТО, или сакаат Косово да продолжи да биде во пакет со Русија и Белорусија?“
„Секој претставник на меѓународната заедница, со кој сум се сретнал во овие две години, е незадоволен од политичките позиции на косовските институции. Политиката што ја ширеа, политиката што не соработуваше со Америка, Европа и НАТО, предизвика незадоволство, изразување револт, голема огорченост од многу меѓународни претставници на средбите што ги имав со нив. Овие незадоволства им ги искажав на косовските власти, бидејќи Косово мора да биде во постојан сојуз и пријателство со Америка, Европа и НАТО… Затоа, на 9 февруари секој граѓанин на Косово ја има својата судбина, судбината на Косово во свои раце.’ – изјави лидерот на ДУИ во Студеничани синоќа.“





