Утврдувањето на македонскиот правопис и азбука ‒ удирање конечен печат на многувековното постоење на јазикот на Македонците Кирил и Методиј

Пишува: Свето Тоевски, новинар и самостоен истражувач во лингвистиката и македонистиката



На денешен ден, на 2 јуни 1945 година е утврден нацртот за македонскиот правопис од страна на Комисијата за јазик и правопис. Потоа на 7 јуни 1945 година со решение на Министерството за народна просвета, потпишано од тогашниот министер Никола Минчев, а на предлог на таа Комисија за јазик и правопис, овој правопис бил прифатен како официјален правопис во Народна Република Македонија. Правописот бил отпечатен во Скопје во 1945 година како засебна книшка од 20 страни. Во работа од нецела година и на три комисии правописот и азбуката ги донесе Третата јазична комисија во состав: Венко Марковски, Васил Иљоски, М. Павловски, Блаже Конески, Крум Тошев, Иван Мазов, Г. Влахов, Владо Малески, К. Х. Василев и И. Топаловски.  

Еден месец претходно, на 5 мај 1945, со решение на Владата на Федерална Република Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик. Со ова се заокружува еден од темелите на македонската државност, воспоставени со решението на АСНОМ од 2 август 1944, донесено во манастирот Прохор Пчински, со кое македонскиот јазик беше заведен како службен јазик на македонската држава.

Конески: Македонскиот јазик е вистински белег на македонската нација, преку него се закрепнува најздраво свеста за припадноста кон македонската нација

Утврдувањето на правописот и азбуката, а особено кодификувањето на македонскиот јазик, не претставуваа некаков „нов“, „измислен“ јазик, наводно, кој почнува „првпат да постои“ од 1944 и 1945 година, туку тоа беше удирање конечен печат на постоењето на македонскиот јазик со неговите триилјадалетни корени. Тоа претставуваше удирање конечен печат на постоењето на јазикот на македонските и сесловенски просветители браќата-Македонци од Солун Кирил и Методиј, кои во од нив создадената азбука глаголица ги поврзаа јужномакедонските дијалекти од селата Суха, Висока и Зарово, од околината на Солун, на нивниот мајчин старомакедонски јазик со јазикот на старите Словени-новодојденци на тие простори.

Реџиналд де Бреј, светски познатиот и признат македонист, славист, научен работник, полиглот и преведувач, има кажано: „Каква иpoнија на историјата: народот, чии пpедци им го дале на Словените првиот книжевен јазик, беа последни, на кои им сe призна јазикот како поcебен словенски јазик, различен од соседните бугарски и српски.“

Работата на македонскиот правопис

„Усвоениот елаборат бил објавен во посебна книшка, а веќе следниот ден по усвојувањето на правописот, Конески го објавува написот ‘За македонскиот литературен јазик’ во кој се презентирани ставовите за македонската азбука и правопис, а Влахов ја објавува статијата ‘Слободна Македонија во Федеративна Југославија ‒ крај на меѓусебните борби на балканските народи’“ – нагласува проф. д-р Симона Груевска-Маџоска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје.

Во својата докторска дисертација под наслов „Правописот на македонскиот јазик во наставната практика“ од 2019 година д-р Миме Миме Тасеска-Китановска истакнува: „Правилата како треба да се пишува и да се зборува се регулирани во правописот на јазикот на секој народ и во секоја држава. Првиот Правопис на македонскиот литературен јазик од 1945 година е заснован врз фонолошкиот (фонетскиот) принцип. Тоа значи дека за секој глас има определен знак – буква: се пишува онака како што се изговара, а се изговара онака како што е напишано. Практичната примена на правописот во изминатите децении покажа дека неговите основи уште во 1945 година биле успешно поставени и оти ги отсликувале реалните потреби на македонските говорители на македонскиот јазик.“

Во овој контекст д-р Тасеска-Китановска особено го нагласува следниот став на Блаже Конески: „Македонскиот јазик треба да биде строен и изразит, да биде вистински белег на македонската нација, зашто преку литературниот јазик се закрепнува најздраво свеста за припадноста кон една нација. Македонскиот литературен јазик треба да биде навистина македонски.“

Првите измени и дополнувања на Правописот се направени две години подоцна. „Некои измени и дополнувања на Правописот биле направени од Комисијата за преразгледување на прашањата во врска со македонскиот правопис во состав: д-р Михаил Петрушевски, Блаже Конески и Крум Тошев, назначена на 20 ноември 1947. Од овие промени најважна била промената на наставката -уе во -ува (кажуам во кажувам). Предлогот бил прифатен на собир на македонските писатели, новинари, филолози и други културни работници на 6 април 1948 и објавен во проширеното издание на Македонскиот правопис со правописен речник на Конески и Тошев, објавено во 1950.“ – посочува д-р Симона Груевска-Маџоска.

Македонскиот правопис од 1969 година, во авторство на Б. Видоески, Т. Димитровски, К. Конески, К. Тошев и Р. Угринова-Скаловска, во 1970 е дополнет со Правописен речник од 30 илјади зборови. Последното издание на овој правопис е корегирано од Т. Димитровски и е објавено во 1998 година. Нов Правопис на македонскиот јазик е објавен во 2015, а второто издание во 2017 година под редакција на Ж. Цветковски, С. Веновска-Антевска, С. Груевска-Маџоска, Е. Јачева-Улчар и С. Саздов. Електронската верзија на ова последно издание на Правописот од декември 2017 е бесплатно достапна за симнување и за пребарување на следната интернет-адреса: https://pravopis.mk/sites/default/files/Pravopis-2017.PDF

Користени извори: статија на „Окно“ и докторска дисертација на д-р Миме Тасеска-Китаноска