Државата е должна нови 50 милиони евра кои вкупно 156 компании ги уплатија во Буџетот на име на Законот за солидарен данок кој Устаен суд го поништи. Одлуката е донесена речиси едногласно, 5 спрема еден во гласовите на судиите. Повреда владеење на правото, ретроактивноста и селективна солидарност се клучните причини за одлуката на Уставниот суд. За неважечкиот закон кој служеше едноократно, државата сега ќе треба да врати околу 49,2 милиони евра на 156 компании, кои во еден наврат им ги наплати како најбогати компании во државата.
- „Вакво ретроактивно дејство на закон е апсолутно недозволено. Правната сигурност на субјектите. Тие мора да имаат фундаментални принципи на владеењето на правото се правната предвидливо и правната сигурност. Субјектите во правото мора да знаат што ги чека. Не може во сред игра да им ги менуваш правилата за игра. Кога владее правото ти знаеш што те очекува. Дека оваа година на толку остварен профит толку данок ќе платам. Во услови на немилосрдна борба за привлекување на странски инвестиции каква порака се праќа до економските субјекти дека државата може по потреба и кога ќе и текне да воведе данок. Овој пат за солидарност, утре за нешто друго. Таа тежина на повредата и ретроактивното дејство беше клучно за одлуката да биде поништувачката“, објасни Костадиновски.

Враќањето на средствата ќе треба да се одвива договорно, на барање на оданочените богати компании, кои сметаат дека се оштетени и доведени во нееднаква положба пред Уставот. Рокот за барање за поврат и за враќање на средствата е 5 години од објавување на одлуката во Службен весник, кажа по денешното одлучување претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски.
Да беше одлуката укинувачка место поништувачка, државата немаше да мора да ги враќа овие пари, туку отсега натака немаше да може повторно да се воведува ваков данок.
Министерството за финансии денеска кажа дека ќе постапи откако одлуката за поништување на солидарниот данок ќе биде објавена во Службен весник, и од Буџетот ќе ги исплати создадените обврски.

Колку за потсетување, овој данок на солидарност беше оспорен со повеќе иницијативи, како од Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора на Северозападна Македонија, така и од неколку други поединечни фирми.
Данокот беше воведен во 2023, како еднократна, вонредна јавна давачка само за таа година. Беше еднократна владина мерка, за да се соберат средства за ублажување на последиците од ковид кризата и да се придонесе за јавните расходи на солидарен начин. Го плаќаа само компаниите кои во 2022 остварија вкупен приход поголем од 10 милиони евра.





