Уривање на споменици и ново име за аеродромот, за Атина да преговара

И покрај добрите намери искажани од новата влада во Скопје , Грција смета дека новите власти не направиле доволно промени во политиката кон својот сосед и продожува со демонстрација на иредентизам.



Ова стои во предлог материјалите кои што грчкото МНР ги подготвува за средбата на грчкиот „Совет за надворешна политика“ посветена на името која што треба да се одржи по средбата Коѕиас – Нимиц  во Брисел.

Според анализите на грчкото МНР за да може Атина да верува во искрените намери на Скопје и да влезе во суштински разговори за името владата на Заев мора да урне или да отвори постапка за уривање на споменици со кои според грчката наука, се означуваат грчки историски фигури.

Елиминација или трансформација на спомениците на Александар Велики и Филип Втори Македонски во центарот на Скопје ќе биде најдобриот доказ дека Македонија се откажала од своите иредентистички политики кои што ги промовирале сите предходни влади, се вели во предлог информацијата која што се очекува да биде поделена на состанокот на советот при грчкото МНР.

Во консултациите во Грција на оваа тема дури се размислувало доколку новата влада се вади дека уривањето на споменикот на Александар е премногу скапо, да се понуди помош, но засега оваа опција не е целосно анализирана.

Промена на името на аеродромот Александар Велики за владата во Атина е лесна работа за која што не се потребни пари туку само добра воља и подготвеноста за откажување од иредентизмот кој кулминирал со предходната влада, се вели во грчките анализи до кои дојде expres.mk.

Во Атина се анализира дека иако премиерот Заев и министерот Димитров на прв поглед изгледаат дека не ги следат максималистичките политики на предходната влада, тие сепак сакаат да ги игнорираат грчките забелешки и заклучокот на НАТО самитот во Букурешт и со името ФИРОМ да влезат во НАТО.

Официјалните грчки позииции се дека Атина била конструктивна за цело време на траење на спорот и за време на политичката криза во земјата. Дури според грчките медиуми Грција е горда што кога ЕУ унија била на чекор од воведување на санцкии на Скопје за време на предходната влада, Атина се спротивставила на тоа со аргумент дека тоа нема да помогне за надминување на кризата. Својата позитивна позиција Атина ја објаснува и со првата покана од странство упатена до Димитров кој тој ја прифати.

За Грција нема дилема дека очекувањето на Македонија за влез во НАТО со референцата ФИРОМ е илузија, и тоа јавно го кажаа и Коѕиас и Ципрас. Прашањето за Атина сега е дали воопшто да влегува во нова рунда преговори со Македонија без северниот сосед да даде сигнал дека се откажал од својот иредентизам кој според грчката страна е сеуште присутен во училиштата, јавните установи и се повеќе на социјалните мрежи на кои што владата нема контрола.

Тоа не значи дека ќе биде запрен процесот на зголемување на довербата меѓу двете страни на полето на полициската соработка особено за бегалците, европските програми, култура, образование, цивилна заштита, јавна администрација, здравство како и соработка меѓу дипломатските академии во двете Министерства за надворешни работи, процес кои што започнаа уште со предходниот министер Никола Попоски.

Сепак за Грција овој процес не е директно поврзан со процесот на преговори за кој што е потребна соодветна атмосфера која што засега ја крши споменикот на Александар и неговиот татко во проектот „Скопје 2014“, стои во предлог материјалите за состанокот на грчкиот совет за надворешна политика кој ќе заседава наскоро со главна тема спорот за името.