УПОЗ бара средба со претставници од Владата, следен чекор е тужба за државата

Синдикакот на УПОЗ и официјално доставил барање за средба со премиерот за решавање на проблемот со колективните договори на администрацијата. Ова доаѓа откако власта кажа дека решението треба да се бара преку дијалог, а не на протести. Синдикалците од пред министерството за финансии реакоа ако и натаму бидат игнорирани, следен чекор ќе биде радикализација на протестите и тужба за државата.



  • Тие покажаа дека и на минусни температури можат да излезат на улица за да ги остварат своите права“, вели претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски. Иако преку различни соопштенија и изјави деновиве Владата порача дека решение треба да се изнајде преку дијалог, синдикатот тврди дека тие формална покана за средба не добиле. 
  • Бидејќи дијалог не се води преку соопштенија и преку вас, медиумите, Синдикатот на УПОЗ поднесе формално барање за средба со премиерот, со која бараме повторно продолжување на дијалогот кој еднострано беше прекинат од страна на Министерството за финансии со одбивање на предложените Колективни договори за додатокот на плата за овие вработени кои се тука со нас”, истакна на прес-конференција Деаноски.

Вработените во седум министерства и два државни органa неколку дена излегуваат на протест со барање за раст на додатокот на плата за 30%. На прашањето дали под искористување на сите законски права се подразбира и поднесување на тужба против државата, Деаноски не ја исклучува таа можност.

  • Ќе чекаме, ќе дадеме шанса за продолжување на дијалогот, ако не – ќе ги продолжиме протестите, се размислува за одење на штрајк и за тужби до државата“, вели тој. 

Синдикатите бараат зголемување на платите за 30 отсто, што, како што се вели, е минимално што може да се направи за да се овозможи работниците да задржат некое достоинство и да обезбедат основни услови за живот. Во протестот учествуваат вработени во Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за дигитална трансформација, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за правда, Министерство за култура и туризам, Министерството за економија и труд, Министерство за транспорт, Државниот завод за статистика и Државниот архив.

Власта, пак, им одговори дека е свесна за нивните ниски примања, но посочи дека пари за повисоки плати за сега нема, оти буџетот е ограничен.

Протестите ќе продолжат и во наредните денови. Вработените очекуваат Владата да покаже разбирање и да ја прифати оваа подадена рака од Синдикатот на УПОЗ за изнаоѓање на решение за нивните барања.